| |

НА МАКЕДОНИЈА И НЕДОСТАСУВААТ ПОЖАРНИКАРИ

На 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат најмалку 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум, станува јасно од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Само четири од сите 30 противпожарни единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест други единици имаат токму толку колку што бара минимумот. На останатите 20 единици им недостигаат вкупно 536 пожарникари за да го задоволат законскиот минимум.

Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје, каде покрај сите скопски општини се опфатени и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер – Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.

Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари, и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Не е подобро ниту во Куманово каде недостигаат 49 пожарникари. Во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари.

Според Законот за пожарникарство, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува:

– во општините до 10.000 жители – девет професионални пожарникари,

– во општините од 10.000 до 15.000 жители – 13 професионални пожарникари,

– во општините од 15.000 до 24.000 жители – 17 професионални пожарникари и

– во општините со над 24 000 жители – еден професионален пожарникар на 1.500 жители.



Слични Објави