На воениот аеродром Безмер во Бугарија започна воената вежба „EUROPEAN SPARTAN EXERCISE 2025“
На воениот аеродром Безмер во Бугарија започна меѓународната вежба „EUROPEAN SPARTAN EXERCISE 2025“. Летачката обука на бугарска територија ќе трае до 3 октомври, а главните зони за тактичка подготовка се во авиобазите Безмер и Чешнегирово.
Во вежбата, покрај бугарските воздухопловни сили, учествуваат и претставници од Италија, Шпанија, Грција и Литвa, додека тимови од Словенија се вклучуваат како набљудувачи. Командантот на вежбата, полковник Лазарин Лазаров, изјави дека целта е пилотите, инженерите и техничарите од различни земји да научат да работат заедно и да разменуваат искуства, бидејќи сите користат авиони „Спартан“ во Европа.
Во рамки на обуката ќе се изведуваат тактички приоди за слетување, летови на мала височина, десант на војници и товар, како и авио-медицинска евакуација. Полетите ќе се реализираат во воздушниот простор над поголемиот дел од јужна Бугарија, објасни командантот на авиобазата Безмер, полковник Милен Димитров.
„Бидејќи има планирани летови на мала височина, нормално е населението да гледа авиони во воздух. Нема причина за загриженост, тоа е дел од задачите на обуката,“ нагласи тој.
