|

На вториот состанок закажан нов: слупчанци се договорија да им ја модернизираат мрежата, ЕВН уште еднаш ќе се сретне со нив пред да влезе во селото

Претставници на ЕВН и на селото Слупчане денес повторно седнаа на маса во обид да изнајдат договор по дефектите со мрежата поради дивите приклучувања.

Од ЕВН оценија дека состанокот бил успешен и се финализирале техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата.

И денес беше закажан нов состанок за понеделник.

„В понеделник ќе се одржи последниот состанок по кој следува спроведувањето на проектот“, велат од ЕВН.

Средба во истиот состав се одржа и вчера, а како што дознава „Макфакс“, жителите на Слупчане, сепак, не отстапуваат од своите барања.

Тие изминатиов период во повеќе наврати, поради диви приклучувања, предизвикаа дефекти во мрежата по што ги условуваа со барања екипите на ЕВН за да им дозволат да влезат во селото, а вработените во компанијата тврдеа дека постојано се соочуваат со вербални и физички напади.

„Макфакс“ минатата недела дојде до документот на жителите на Слупчане, во кој се наведени нивните барања, а се состои од 14 точки. Велат дека за нив не треба да важат правилата што треба да ги почитува секој граѓанин, односно потрошувач. Простување долгови од илјадници евра, бесплатни приклучоци, но и највисоката сметка што ќе ја добиваат да биде 3.000 денари – се дел од барањата.

Според информациите, загубите во Слупчане се 80 отсто, а наплатата е 20 проценти.

Пред околу еден месец екипа на „Макфакс“ беше во Слупчане, каде што жителите останаа 24 часа без струја и беа гневни. Тврдеа дека не е точно оти не ги пуштаат екипите на ЕВН во селото. Преговараа со компанијата преку министерот за економија, Крешник Бектеши, па откога прифатија да се направи модернизација на мрежата, струјата им беше вклучена.

Слични Објави