Над 11.000 евра собрани на хуманитарен голф-турнир во спомен на легендарниот бугарски голман Борислав Михајлов
Над 11.000 евра беа собрани на хуманитарната аукција по дводневниот голф-турнир организиран од Фондацијата на бугарските фудбалери кои го освоија четвртото место во светот „Национали 94“, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа.
Сите собрани средства ќе бидат наменети за одделот за реанимација во болницата „Токуда“, каде што лекарите до последен момент се бореа за животот на легендарниот капитен на репрезентацијата и претседател на Фондацијата, Борислав Михајлов. Тој почина од мозочен удар на 31 март 2026 г.
Фондацијата сега ќе ја предводи голманот Пламен Николов. Одлуката ја донеле Христо Стоичков и Красимир Балаков, кои се сретнале пред почетокот на турнирот. Настанот бил организиран во спомен на Михајлов, а Стоичков и Балаков биле категорични дека неговиот заменик за време на незаборавното Светско првенство треба да го наследи и на чело на Фондацијата.
Пламен Николов останува единствениот бугарски голман кој не примил гол на натпревар од Светско првенство. Тој влегол во игра во второто полувреме од натпреварот за третото место против Шведска во Лос Анџелес, кога Бугарија веќе губела со 0:4. Резултатот останал непроменет до крајот на натпреварот.
Голф-турнирот поминал со многу емоции и неизвесни натпреварувачки дуели. Настанот веќе прераснува во традиција, откако бил одржан и минатата година.
Претходно оваа година, Фондацијата на четвртопласираните во светот го поддржа и „Натпреварот на надежта“ на Стилијан Петров, донирајќи 40.000 евра за неговата кауза, поврзана со фудбалските легенди Љубо Пенев и Петар Хубчев.

