НАЈЛЕСНО Е ДА СИ ЈУДА
Во пресрет на најголемиот, највеселиот христијански празник Велигден (Воскресение Христово) , жалам што треба да ја искажам разочараноста на граѓаните од „ договорените“ мерки на Владата за спречување на ширењето на вирусната пандемија, преку присуството на верниците во црквите…
Некој од Владата се обидува да ни сервира приказна дека преку миење на рацете со сапун и ракија ќе се заштитиме од Ковид- 19, но преку пречистувањето со крвта и телото Божјо, ќе сме се заразеле од Ковид- 19. Па вакви апсурди немало никогаш низ човештвото. Не може слободната волја на граѓанинот дадена од Бог да биде заменета со некаков договор (мерка) да не се изразува слободно вероисповеста.
Понатаму и во Уставот на Р.М во член 19 за слободата и правата на граѓаните, стои дека се гарантира слободно и јавно практикување на вероисповеста и поединечно и во заедница. Член 54 дополнително гарантира дека било какви мерки на вонредна состојба, НЕ ВАЖАТ за моите права од член 19.
Оттука произлегува и фактот дека се погрешни „договорените“ мерки на Владата и се противуставни и дискриминирачки кон сопствените граѓани, на државниот и верскиот празник „Велики петок“ односно тоа што полицијата и инспекторите ги чуваа црквите од посетеност на верниците.
Владата не издејствува да преземе мерки за вработените во конфекциите и во истото време додека се забранува посетувањето на храмовите, не е забрането возење во автобус над 50 луѓе и работење во хали едни до други на машините за шиење. Со тоа е прекршен законот за време на државен празник да не се работи и се ставија во улога да ги штитат матријалните добра наместо Уставот, државата и луѓето. Во ситуација кога не функционира државата во конфекциите, па барем нека важат мерките за спречување на вирусот во конфекциите наместо во црквите. Тие со овој чин на предавство на државата се ставија во улога на заштитници на црниот бизнис и сивата економија. Но истовремено го блокираат славењето на верниците на Божјото Воскресение. Затоа и мерките на Владата се еднакви со мерките на Јуда …
Да не бидам погрешно сфатен. Има други мерки кои може да се применат и пак да се дозволи непречена посета на верниците во храмовите а притоа и да се заштити здравјето на граѓаните и ризикот од зараза да се сведе на минимум. Но сепак најлесно е да се биде Јуда. Само да не заборавиме како заврши тој и покрај тоа што имаше полно ќесе со сребреници.
Автор: Марјан Михов, потпретседател на ГДУ-Штип

