| | |

Нападите врз македонските Бугари и бугарските културни центри влегоа во извештајот на ЕКРИ за РС Македонија

Серија забелешки особено во однос на ЛГБТИ заедницата, македонските Бугари, говорот на омраза и состојбата на Ромите, како и позитивни работи како што е формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на пример, содржи извештајот на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) при Советот на Европа. Во шестиот мониторинг извештај се проценуваат напорите на државата за борба против дискриминацијата и унапредување на еднаквоста, јавува Слободен печат.

Според ЕКРИ, антибугарското насилство е сериозно загрижувачко, особено по неколкуте напади врз лица кои себеси се идентификуваат како Бугари и врз бугарски културни центри, со оглед на чекорите на властите за укинување на регистрацијата или распуштање на некои постојни бугарски културни здруженија. Притоа се наведува инцидентот со клубот „Иван Михајлов“ во Битола кој се случи, како што стои во извештајот, по серијата закани против клубот. Претседателот и Владата го осудија нападот, но спорно е што напаѓачот (пејачот Ламбе Алабаковски н.з.) подоцна беше ангажиран од Општина Битола да настапува на локална прослава. Ставот на дел од соговорниците на ЕКРИ бил дека условната казна за нападот во Битола не била доволно строга за да спречува такви инциденти во иднина.

Исто така, наведени се и случувањата со клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, при што во вториот инцидент се користеше огнено оружје. ЕКРИ бара не само осуда на прибегнувањето кон говор на омраза и насилство и изведување на сторителите на злосторствата од омраза пред лицето на правдата, туку и систематско и доследно спротивставување на антибугарскиот јавен дискурс, со цел да се запре овој загрижувачки тренд.

Во Комисијата, како што се додава во извештајот, се свесни за политичката контроверзност во однос на користењето на името на Иван Михајлов и неговите политички идеи дека Македонците се Бугари и признаваат дека употребата на името Цар Борис Трети е исто така контроверзна и провокативна со оглед на улогата на Бугарите како окупатори на Македонија во Втората светска војна.

ЕКРИ со загриженост забележува дека во март 2023 година Централниот регистар на Северна Македонија го одби барањето на Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид да го задржи своето име и дека по одлука на министерот за правда и негативно мислење на Комисијата за употреба на имињата, го избриша од регистарот Бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола. ЕКРИ, потестувајќи на случајот „Радко“, смета дека властите треба да се воздржуваат од бришење од регистарот или распушtање на здруженија на лица кои се идентификуваат како Бугари во Северна Македонија ако не поттикнуваат, промовираат, шират или оправдуваат насилство, омраза или дискриминација. Ако треба, може да се побара експертско мислење од Советот на Европа за ревизија на Законот за здруженија и фондации.

Бугарите се вметнати и во делот за говор на омраза каде што се наведува дека анти-бугарскиот говор на омраза е чест во Северна Македонија, барем како што кажале бугарските соговорници на ЕКРИ. Според нив, типичен стереотип кој што се користи е етикетирањето на сите Бугари како „фашисти“ и прикажувањето на Бугарките како „евтини проститутки“.

Целиот напис прочитајте го на следниот линк.

Слични Објави