НАРОДОТ ЌЕ ЈА ПЛАТИ ЦЕНАТА ЗА БЕРМУДСКИОТ ТРИАГОЛНИК НА ГРУЕВСКИ

//

Зборовната стихија, ту начичкана со сериозни анализи, ту со сарказам околу махерскиот потег на Груевски никако да стивне, дури и недела дена потоа. Преку неа испливаа на површина куп работи, и арни и лоши. Од добрите работи би се осврнала на онаа неверојатна смисла за хумор, и оној сарказам со уметничка нота, дотолку е фино срочен, што ги заплисна социјалните мрежи.

Си земам за право делот од изјавите на премиерот каде евоцира киднапирање да ги толкувам како саркастична нота во овој период на расштимување. Прво оти јас така (сакав да) ги перцепирам, и второ оти не сме баш у некоја завидна ситуација за токму ова да биде причината за дипломатски скандал, што и те како би му ја украло славата на Груевски. Друга позитивна работа е паѓањето на маските, онаа што Никола долго ја носеше заштрафена на лицето на земјољубец и патриот, па и на жртва, и онаа на сите кои топлат обвинителски клупи катаден и кои се одважија да му откажат послушност на лидерот меѓу светлина и сенка.

Не знам колку е праведно да зборувам за сите неарни работи што се исфилтрираа преку газата на ова бегство, имајќи во предвид дека шпекулациите се на подиумот, а истрагата мава крила та да летне, но во држава каде што правдата уште не ги продрела површните слоеви на корупција и неспособност, сметам дека најмал проблем е јавното истакнување на едно субјективно мислење. Субјективно, затоа што помалку или повеќе сите имаме заземено страна. Сите. И тоа е човечки.

Внимателно следев што тоа признати аналитичари префрлаат или советуваат во оваа ситуација. Груевски од скоро и официјално беше осуденик. Со докажана вина и исцрпени средства за преиспитување на пресудата. Тоа што редовно се јавувал на рочишта, играјќи си често на супер-ѕвезда во однос на доцнењето, не е ни доказ дека нема да побегне, ниту пак доказ дека мирно ќе чека да биде спроведен во затвор. Тоа што обвинителството не побарало дополнителни мерки на претпазливост, а добро (би требало да) им е позната легислативата за патување со лична карта е сериозен пропуст, несомнено.

Дали МВР навистина има ингеренции самоволно да постапи доколку заклучи дека има ризик од бегство и до кој степен? Под кои услови, според кои критериуми? Тоа се прашања за кои јас не сум доволно компетентна, но за кои пак и не прочитав некое кредибилно образложение од страна на експертите. Од тоа зависи дали ќе се бара “главата” на Спасовски или не. Во моментов едно ми е јасно, апсурдно би било паѓањето од власт на Заев по овој основ. Оти еден од главните мотиви на движењата Шарена револуција и Протестирам беше “тргнување на рацете на политичките структури од судската власт”, како што милува да каже Заев.



Истото важи и за притворот на Мијалков и сите други што евидентно шетаат низ Скопјето со сè PM честички. Секако дека изгледа многу поволно ова прифаќање на гаранции за ослободување од притвор на дел од инволвираните во упадот од 27ми април и нивното експресно будење “во интерес на општото добро” преку поддржување на преспанскиот договор, но јас (колку и да изгледа наивно) одбивам да верувам во договор (кој веројатно ќе се испостави постоечки во даден момент) и претпочитам да мислам дека се работи за очајнички обид за додворување кон владеачката гарнитура од страна на обвинетите пратеници за да си го спасат задникот, кога веќе достоинството отишло во неповрат (ако воопшто го имале).

Ми преостанува уште еден последен, а можеби најважен елемент за разгледување во овој монолог: улогата и постапките на Орбан во ова фијаско против и онака кревката Република Македонија. Проклетиот, “бермудски” триаголник Орбан-Ердоган-Путин во кој исчезнува Груевски под влијание на слабата патриотска гравитација и силната корупциско-злосторничка атракција е далеку од едноставен. Оваа тројка, нерамноправна и нерамна, имајќи ги во предвид сите гео-стратешки и гео-политички разлики, го чува во заложништво јавниот ред и мир и надежта за делумна правда преку играње криенка и бејзбол. Да си знаете, сè има цена. И евентуалната екстрадиција и евентуалниот азил на Груевски. Ќе ги плати народот.

Автор: Верданди

Претходна статија

ПЕКАРИТЕ, ГРАДЕЖНИЦИТЕ И РАБОТНИЦИТЕ ОД МАШИНСКИТЕ СТРУКИ СЕ НАЈДЕФИЦИТАРНИ

Следна статија

РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ТОЛЕРАНЦИЈАТА И ИНКЛУЗИВНИТЕ ОПШТЕСТВА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Најново од Ваш став

Игра на ниски страсти

Fb статус на Никица Корубин Дека политиката е врвна вештина која бара многу знаење, искуство, традиција

Целосна независност

Facebook статус на Никица Корубин Независноста е комплетна кога си свесен за неа. И за нејзиното