| |

“НАТО влегува во Скопје”

Facebook статус на Никица Корубин

Молкот може да означува восхит или несогласување. Што и да е, речиси унисониот молк за највисоката позиција на меѓународната политичка сцена, што Северна Македонија било кога ја имала, со назначувањето на Радмила Шеќеринска за заменик генерален секретар на НАТО; говори за тежината на нејзиното назачување.

Политичката тежина, покрај нејзиниот личен потенцијал, на Северна Македонија, и сите (не)видливи процеси внатре и регионално надвор. Вториот човек на НАТО, може да доаѓа само од кредибилен партнер и исклучително стратешки важна точка, меѓусоседски, регионално, европски. Со или без желбата на целокупниот политички естаблишмент. Секој си ја бира улогата.

Во 1995 година, словенечката група Лајбах, го одржа фамозниот концерт на нивниот албум НАТО, еден од првите големи концерти, кој беше најавен со провокативниот наслов “НАТО влегува во Скопје”. Истата година, се потпиша Времената спогодба со Грција, под покровителство на Обединетите нации, со кои се поставија темелите на меѓународното позиционирање на државата и конечното одвојување од остатоците и реминисценцијата на СФРЈ. Независни и свои на свое.

Пат, кој наместо седум, траеше 24 години, до 2019 година и усвојувањето на уставните измени, во македонскиот и грчкиот парламент, кој одеше паралелно со првата ратификација за нашето членство во НАТО. Пат, кој трае се уште, за дефинитивно членство на Северна Македонија во ЕУ. Ова е чекор од кој нема враќање назад. Ова е чекор за излегување од ситуацијата на статус-кво во која свесно сме (само)заглавени.

Партнерите во НАТО и идните партнери во ЕУ, и нашите најблиски соседи, култоролошки и цивилизациски, Грција, Бугарија и Албанија повеќе не може да бидат ништо друго, освен стратешки партнери.

А, меѓународните и внатрешните договори (Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Охридскиот договор) не може да бидат ништо друго, освен доследно спроведени. Последиците од ова “влегувањето на НАТО” во Скопје и Северна Македонија, ќе го имаат истиот ефект, каков што го имаше концертот на Лајбах пред 29 години: освестувачки и осветлувачки. И не поради личниот вкус или преференци, туку поради контекстот и суштината.

И во името на сите што (не)смеат или (не)сакаат да го обележат и честитаат овој чин, за чија тежина ретко кој е свесен во моментов: честитки за личниот успех и успехот на сите граѓани, кои тешко се пробиваат до сонот, кој систематски се рушеше, Северна Македонија, европска, нормална и функционална држава.



Слични Објави