Навроцки: Русија е најголемата закана, Путин е воен злосторник
Полска треба да го поддржи Киев од стратешка и геополитичка гледна точка. Ова го изјави новоизбраниот претседател на Полска, Карол Навроцки, за унгарскиот портал „Мандинер“, пренесува БГНЕС.
„Како антикомунист сметам дека Русија е најголемата закана за целиот регион. Тоа е постимперијална, неокомунистичка држава, предводена од Владимир Путин — воен злосторник. Јас сум многу критичен кон Руската Федерација, каде, меѓу другото, како директор на Институтот за национално сеќавање, сум прогонуван. Ми се закануваат со пет години во логор за воени заробеници“, додаде Навроцки.
Според него, од една страна, Полска треба да ја поддржи Украина во конфликтот со Руската Федерација, но Киев треба да разбере дека и другите држави, како Полска и Унгарија, имаат свои сопствени интереси. „Во моментот сум против приклучувањето на Украина кон Европската унија“, појасни новиот полски претседател.
Тој додаде дека неговата земја одиграла значајна улога во поддршката на Украина благодарение на претседателот Анджеј Дуда и полските граѓани. Според него, тоа значи дека Полска има право и на свои сопствени интереси.
Навроцки победи со 50,89% на претседателските избори што се одржаа на 1 јуни.

