НЕ ЧЕКАЈТЕ ДО ПОНЕДЕЛНИК, ШУТКА МОЖЕ ДА ПЛАМНЕ

//

На вчерашната редовна прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека притвореникот во затворот Скопје во Шуто Оризари, кој почина од срцев удар, постмортем бил тестиран и е потврдено дека е уште еден случај на заразен со Ковид-19.

Притвореникот е примен во „Шутка“ на 8 март, и не е познато дали влегол заразен, или се заразил внатре во затворот.

Токму таа дилема предизвикува вознемиреност. Истата веќе се чувстува и кај притворените лица, кои со право се плашат за своето здравје и живот.

Од инсајдерски информации дознав дека притворените лица сомневаат дека повеќе од 15-мина од нив се заразени со Ковид-19. Дали тоа е така ќе покаже тестирањето на тие луѓе, а тестирање нема. Кога ќе бидат тестирани тие луѓе? Важат ли за нив истите мерки што важат за луѓето надвор, што ете веќе нема да можат да се возат повеќе од тројца во еден автомобил и додека се во автомобилот, мораат да носат ракавици и маски.

Прекрасна мерка. Ајде сега да ја споредиме истата со ситуацијата во „Шутка“. Таму во ќелиите не живеат само по тројца, туку двојно повеќе. Имаат ли тие луѓе средства за заштита како маски, ракавици? Се врши ли редовна дезинфекција на просториите? Тоа се прашања на кои почитуваниот директор треба да одговори.

Во изјава за А1 Он г-н Рахиќ вели дека состојбата во затворот била мирна, се сѐ одвивало редовно и немало никаков проблем. Баш убаво г-не Рахиќ, нѐ смиривте и да Ви кажам едвај чекам да дојде понеделникот за да ги видам повеќето информации, што ги најавивте во изјавата за колегите од А1 Он.



Повеќе информации од таа дека во затворот „Шутка“ било притворено лице, позитивно на Ковид-19 мислам дека и не се потребни.

Потребно е тестирање на сите што биле во контакт со починатиот, потребна е нивна изолација и потребно е да се знае дека и тие луѓе таму, се како оние луѓе надвор. И тие луѓе таму заболуваат, и не, веќе не е проблемот во храната или условите во затворот, за нив и без да ни јават знаеме дека се катастрофални. Проблемов сега почитуван директоре е што во „Шутка“ може да се заразат многу повеќе од оние сомнителни 15-мина што ги спомнав погоре во текстот. Не си ја ставајте таа дамка во Вашето професионално CV.

Не чекајте до понеделник за да ни дадете плус информации, уште денеска преземете ги потребните мерки, бидејќи многу е веројатно работите да излезат надвор од контрола, а тоа на никој нема да му одговора, ниту на тие „внатре“ што не можат да „уживаат“ во  „мерката“ „не повеќе од тројца во соба“, ниту на оние надвор што ете мораат да се возат со ракавици и заштитни маски.

Автор: Атанас Величков



Претходна статија

ИМАМЕ ЦИВИЛИЗАЦИСКА ОБВРСКА ДА ГО ИЗВАДИМЕ НАЈДОБРОТО ОД СЕБЕ

Следна статија

БОЛЕСТ НА ЛИЦЕМЕРИЕ СО ГОДИНИ НЕ УНИШТУВА КАКО НАЦИЈА, КОРОНА ВИРУСОТ МОЖЕ САМО ДА ГИ ИСПРАВИ НЕПРАВДИТЕ

Најново од Колумни

Кога идентитетот е бетон

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов Вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Северна Македонија и Бугарија е одличен настан за крај