| |

ТУРЛИ-ТАВА

Во саботата ни помина музичкото шоу Евровизија. Нашата Тамара го освои 8-то место од огромна конкуренција, што е секако резултат за гордеење. Треба да сме задоволни со она што нашиот тим, со скромен буџет го оствари, во име на ова наша земјичка, што сите ни ја негираат, па и ние самите.

Проблемот е што веќе никој не ја споменува именката Македонија, туку сите се „фатиле“ за она Северна. Придавката им бидна поважна, ја изгубија содржината. Мислите дека поради тоа „Северна“ гласови ни дадоа Скандинавците, Англичаните, некои поранешни руски републики. Да не не сметаат дека сме некоја нивна северна покраина, богата и развиена? Проблем со превод, можеби, а?

Како Македонец, кој нема друга резервна држава, ме навредува она Северџан. „Патриоти“ каде бевте кога се смени името? Зошто не кренавте бунт, а не протест? Зошто ве немаше? Каде бевте, кај отидовте?
Дијаспората не е виновна за ништо. Тие јадните, Мајкл (Мики), Боб (Бобан), Џорџ (Ѓорѓи) знаат најдобро како боли промената на името и идентитетот, но знаат и каде живеат и зошто не се враќаат дома. Дајте да ги оставиме на раат да си живеат таму далеку, преку 7 мориња и 7 гори.

Дајте ние, „локалците“,„староседелците“, да менуваме нешто. Во име на нашата и иднината на нашите деца. Ние имаме многу што да изгубиме, а не само името. Како така, сепак уште ја имаме Македонија, но обесправена и економски зависна.
За нас ниту сега, ниту пак во блиска иднина Европа ќе нема. Ние сме далеку од рамништето што западниот свет го бара. Додуша, ниту еден нивен критериум не го исполнуваме, а навестуваме влез.

Со Романија, Европската Унија си ја научи лекцијата. Сега се далеку повнимателни и не пуштаат секого во нивното семејство. А ние, освен географска поставеност, немаме ништо друго блиско со нив. Најтрагично ни е што со економија на колена, сакаме да влеземе кај нив, иако со светлосни години се пред нас.
Странците сакаат да знаат кај ни отидоа милијарди евра, а ние самите се тешиме дека можеле да ни земат уште повеќе. Сега исто не задолжуваат, а ние гордо истакнуваме дека сме средно задолжена земја, па има место за уште некое кредитче. Од вишок глава не боли. `
Ама боли од неискреност и измами. Тоа што математички го намалуваме јавниот долг (не пресметуваме долг на јавни претпријатија) е пропуст само во нашите очи. Европејците јасни ни посочуваат дека јавниот долг ни е 53% од БДП-то, што опасно не проближува до граница кога можеби ќе бидеме несолвентни и неликвидни, па да си бараме прогласување на банкрот. Само што ние немаме острови за продавање. Нас никој нема да не спасува, само поради зелените очи и историскиот идентитет (од времето на Александар).

Србите си поставија Независен фискален совет, од еминентни стручњаци, кои го следат трошењето на народни пари и вршат надзро над финансиските политики на државата. Кај нас тоа не постои, затоа што Владата нема интерес некој да ја контролира. Убаво им е вака, да си прават како што си сакаат, без било каква транспарентност и отчетност. Народот им е тука за прибирање на арач (даноци), а парите имаат најголема вредност кога се во нивните џебови.
„Тастатура“ патроти, дајте веќе еднаш да се помириме со реалноста и да продолжиме кон иднина. Дајте да бараме вистински, суштински реформи на сите нивоа на државата, наместо да се делиме уште повеќе. Нашата поделеност всушност и не доведе до овде.

Промената на името е реверзибилен процес, но не и реалност во моментот. Тоа може да се оствари некогаш, кога заедништвото ќе ни биде на прво место, а не групната припадност како сега. Кога самите не настапуваме сплотено и со единствен цел, никој друг нема сериозно да не земе во предвид.
Така да си ги засукаме ракавите и на работа, а не само голо проповедање на реторики на омраза и поделби и посочување на виновниците, а несогледување на својот сопствен удел во сето тоа. Ако Македонија ни е навистина сѐ што имаме, како што се удираме во градите, нема back up план, туку само напорна работа. Да расчистиме прво со криминалот на власта, на „белите јаки“, па кога на право место ќе бидат поставени вистински професионалци и луѓе со дигнитет, тогаш можеме да бараме напредок.
До тогаш ќе си бидеме последно дупче на кавалчето. Слепо црево на Европа.

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ- Куманово



Слични Објави