Замолчени “антифашисти” и патриоти
Facebook статус на Никица Корубин
Да не беше варварскиот терористички напад на Хамас на цивилно население и цивилни објекти особено во јужниот дел на Израел, нема да можевме да ја видиме на дело уште еднаш, нашата високо сензибилизирана и секогаш “антифашистички” настроена “јавност”, особено чувствителна на страдањата на Евреите; кои патем речено се’ уште се блокирани во Преамбулата на нашиот устав.
Социјалните мрежи се преплавени со осуда за овие ѕверства, и поддршка на Израел, во одбрана на животот и безбедноста на сопствените граѓани. Не? Ништо од тоа? Чудно, за некои кои изминативе две-три години, беа “длабоко потресени” за Холокаустот и страдањата на “македонските Евреи”, и ја користеа секоја прилика да се потсетат на нешто што беше одамна заборавено. И особено чудно што отсуствува жестоката или било каква осуда врз Хамас, како што тоа беше случај со осудата на “бугарскиот фашистички окупатор”.
Но, нема веќе потреба од чудење и за овој молк и за тогашната гласност. Единствено е жално, што размерот на трагедијата уште еднаш ја разоткрива и не така вешто скриената манипулација тогаш и реалност сега. Никој никогаш и не бил искрено загрижен за случувањата за време на Втората Светска Војна, особено со сите факти, кое нашето “колективно сеќавање” и особено “историска вистина” редовно ги игнорира и инкриминира; единствено користени за напад на современа Бугарија, како обична алатка за одржување во живот на антибугарската кампања. Која разбирливо треба(ше) да резултира со блокирање на ЕУ интеграциите.
Кога сме веќе кај ЕУ и европското поведение на нашиот партиско-политички естаблишмент, не е лошо да се каже дека им требаше цел ден, да дадат официјална изјава на поддршка на Израел, да ги квалификуваат како терористички напад, кое патем беше и невозможно да се избегне, и да се однесуваат како современа демократска држава. Што не беше случај во однос на “настаните” во Косово.
И што особено не е се’ уште случај и за двата терористички напади, кога е нашата сеприсутна македонска опозиција во прашање. Тие се задолжени само за “македонските страдања”. Во духот на “супериорноста на само еден народ”, или во духот на прифатливоста на тероризмот? Самите треба да се изјаснат, ако не е веќе доцна. Бидејќи во спротивно паѓа во вода сета наводна грижа за идентитетот, која не само што е наводна, туку е обичен пропаганден инжињеринг. Монструозен во емотивноста што ја предизвикува. И ефектите кои треба да ги произведе. Игра со оган.
И затоа уште еднаш да констатираме и резимираме: патриоти с(м)е наменски, антифашисти по потреба, осудуваме внимателно (и кога ќе ни кажат), се залагаме за владеење на правото (ако мора) и сме членка на НАТО (иако не ни е јасно што тоа значи). А, за ЕУ сме сите, до еден. И затоа заеднички не’ доведоа до ѕидот кој што самите го градеа.
Но, кога тој ќе падне, а ќе падне, нема веќе глумење, “едно за по дома, едно за надвор”, што би рекла новинарката на CNN, Кристијана Аманпур. Иако, не беше наменето за нас, ама со оглед на “блиските врски”, може да го прифатат како совет и нашите. Прашањето е многу едноставно, за нормална независна и функционална држава сте или не? Тогаш, тоа на дело значи уставни измени веднаш. За да не мора, “не дај боже”, по трет пат на некое ново кризно жариште, да мислите што треба да кажете.