Нејнски и Руте во Брисел разговараа за безбедносни прашања, војната во Украина и за фокусот на НАТО врз регионот на Западниот Балкан
Министерката за надворешни работи на Бугарија Надежда Нејнски денеска се сретна со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во Брисел. За време на средбата беа разгледани променливата безбедносна средина и трансатлантските односи, јавува МНР на Бугарија.
Министерката Нејнски ја истакна решавачката улога на НАТО во гарантирањето на безбедноста и одбраната на Република Бугарија, како и потребата од зачувување на трансатлантското единство за справување со заедничките закани и предизвици.
Беше ставен акцент врз спроведувањето на одлуките од Самитот на НАТО во Хаг за зголемување на трошоците за одбрана, како и праведната распределба на товарот и одговорностите меѓу сојузниците. Посебно внимание беше посветено на изградбата на потребните способности за зајакнување на одвраќањето и одбраната на Алијансата, вклучително и на Источното крило и во Црноморскиот регион.
Во пресрет на годишнината од почетокот на агресивната војна што Русија ја води, од бугарска страна беше потврдена непоколебливата поддршка за Украина, при што беа разгледани можностите за нејзино продолжување во рамките на механизмите на НАТО. Беа поздравени напорите за постигнување траен и праведен мир.
Министерката Нејнски ја истакна и потребата од задржување на фокусот на НАТО врз регионот на Западниот Балкан и зајакнувањето на неговата отпорност, имајќи ги предвид тековните комплексни закани и предизвици, вклучително и влијанијата од надворешни фактори.
