| |

Непрочитани страници, нејасни позиции!(3)

Редакцијата на Трибуна,мк побара мислење од својот соработник Владимир Перев околу евидентните разногласија за некои факти од историјата (заедничка или не, сеедно) кои провејуваат низ преписката.

Еве го неговиот одговор:

Почитувани, отсекогаш сум бил впечатлен и изненаден од различното толкување на некои собитија од нашето блиско минато, толкувања нејасни и двосмислени, иако во времето кога тие се напишани, сеуште имало живи сведоци. Македонската историографија си давала за право, со силата добиена од органите на прогонот, “нежно“ да принуди некои личности да го кажат она што не го мислат, на начин да биде двосмислено, прифатливо и потоа лансирано. Бугарската пак историографија, некои такви “факти“ при прима за свои и ги лансира со друга конотација во објаснувањата. Единствени оштетени од таа “научна симбиоза“ се македонските бугари, оние кои се изјаснети како михајловисти, кои се стигматизирани и од двете страни на Осогово-сѐ до 1990 година. Потоа ситуацијата е друга, а наследството големо.

Проблемот најјасно се гледа низ толкувањето и присвојувањето на личности од нашата блиска историја- Павел Шатев, Панко Брашнаров, Венко Марковски и ред други. Тука е и контроверзната личност на Методи Шаторов Шарло, но тој ја губи главата на бојното поле, на Милеви скали, и не е ред да го мешаме споменатите. Да се задржиме на првите тројца.

За Павел Шатев нема никави сомненија. Се изјаснувал како бугарин, како таков бил атентатор на “Гвадалкивир“ и како таков оди на заточение во Фезан. Станува агент на НКВД, соработува со советските служби и како таков доаѓа од Бугарија во Македонија по 1944 година. Како бугарин, конечно и пострадува од своите, од македонците. Барал комунизам, се борел за комунизам, дошол во Македонја да воведува комунизам и промовира македонизам, па конечно и пострадал од своите. Никој не го слави како голем правник, го слават како “терорист“ а во Бугарија е на голема чест како агент на советските служби. Жив сведок на “вечната“ б’лгаро советска дружба. Не знам кому му е нужен, овде или во Бугарија тој човек, таа персона која само во младоста направила нешто полезно за “делото и слободата“ за покасно да стане обичен платеник. Дури ја немал ниту храброста да изврши самоубиство, како неговите Солунски соборци. За него не би требало да има никакви недоразбирања чиј е-тој е на Москва и таму треба да си остане.

Вториот е Панко Брашнаров. Егзархиски учител, се откажал од сѐ и станал воденичар, потоа се приклучил кон ВМРО(об), фактички испостава на Коминтерна и НКВД, се приклучил кон НОБ и го отворил АСНОМ…брилијантни факти. Потоа гласал за Сталин и Тито го испратил на Голи оток, каде што починал. Меѓу двајцата сталинисти, тој го одбрал погрешниот и пострадал. Сакаше да ни донесе комунизам, комунизмот го зеде него, а ние треба да жалиме не за него, тој си ја одбрал страната, треба да жалиме за невините кои комунизмот ги затвори по Идризово и им ги уништи животите.

Третиот е Венко Марковски, македонскиот “Доктор Фаустус“. Тој е најитриот, најумниот и најлукавиот. Затоа живее најдолго и најудобно. Секогаш во врвовите на власта.

Тој е составен дел на нашата митологија на “македонска жртва“, тој е нејзината најјарка експликација. Сведоштво за тоа како еден млад и релативно талетиран поет (“Народни бигори“), се претвора во политички лик со огромни амбиции за “патријарх на поезијата и културата“, за потоа да стане обичен “стихоклепац“ (К. Црвенковски), да биде затворан, да ја напушти својата земја и во друга држава одново да стане некаков суверен владетел на поезијата и културата. Ги проследивме сите негови изјави и изјавите на семејството низ бугарските и македонските медии, и мислам дека никој паметен во Македонија не разбра кој е тој-бугарин ли е, македоноц ли е и што мисли за нас,нашиот јазик и историјата.

Попаметен е од сите нас, ни го кажува тоа што сакаме да го чуеме. Затоа сите и во Македонија и во Бугарија се тепаат да го присвојат. Меѓутоа, станува збор за обичен неколкукратен отпадник и конвертит, “духовен“ злосторник врз бугарското наследство во Македонија. Почнува да пишува на македонски наречја, но првите стихови ги објавува во Софија. Поддржан е од бугарскиот философ Тодор Павлов, што се смета за негова голема придобивка. Остануваат пријатели за цел живот, па тоа нешто во очите на македонците и бугарите му носи додатни поени. Фактички, “големиот“ философ Тодор Павлов е“човек на сите времиња“. По 9 септември 1944 година е регент на Царство Бугарија, а потоа е член на ЦК на БКП. Прононсиран комунист и прикриен агент на советските разузнавачки служби во Бугарија. Сива партиска еминенција, “сивиот кардинал“ на бугарските комунисти. Венко е неговиот човек, негов бил отсекогаш, од нивната прва средба во Софија. Трагите на основоположниците на македонската азбука по 1944 година водат некаде далеку, во темните лавиринти на Москва и Коминтерна. Венко е таму некаде, свесно или несвесно. Тодор Павлов ја игра играта, а рускиот лингвист Берштајн ја форматира македонската азбука, истовремено “ревидирајќи ја и освременувајќи ја“ и бугарската. Генијалец, нема што! Учествувал и во уредувањето на современата романска азбука.

Венко е член на комисијата за азбуката, потоа е отстранет, па доаѓа нова гарнитура која го решава прашањето со “темниот вокал“. Главната ролја ја игра Белград, поддржан од Москва, а егзекуторите се Милован Ѓилас и Радован Зоговиќ…вистински егзекутори, со “парабелумот“ за појас.

Венко не може да се помири со отсранувањето од пиедесталот на “најголемиот поет“. Непомирлив и самоуверен, подложен е на казна од македонската власт и лежи во Идризово. Потоа е пуштен, пишува покајничака изјава на 25.2.1951 година во “Нова Македонија“ (велат, било со пиштол на главата, ама треба да се одвоиме од митологиите!?!) па одново отвора фронт. Неговата творба “Современи парадокси“ пишувана на на српско-хрватски јазик навистина ја отвора парадоксалната ситуација со културата и идентитетот не само на македонскиот народ, туку воопшто. Шиканиран, бришан, држен во изолација, тој меѓу првите ce осмелил да ja симне политичката маска на Јосип Броз Тито, обвинувајќи ги првите југословенски раководители за иивните репресивни методи на владеење и за предавството на социјализмот. Барал “советски“ социјализам!?

Затворен е на Голи Оток, пуштен по пет години, за потоа регуларно да замине на лечење на очите во Москва и конечно да се утврди во Софија. Тој е највеликиот, “комесар“ на културата и поезијата, пратеник во Парламентот во четири мандати (16 години) гласноговорник на болшевизмот, овенчан и признат поет. Пријател е со Тодор Живков, пријател е со сите кои нешто важат во светот кој се распадна во крв, прав и пепел.

Во Софија пишува поезија која, оние што се разбираат во таа работа, ја оценуваат како слаба и декламаторска. Неговото најпознато дело е “Крвта вода не става“ напишана 1971 година по лично барање на Тодор Живков, а како рекација на недоветно напишаната “Историја на македонскиот народ“ од 1969 година. Книгата ја доживува судбината на нашата “Историја…“. Заборавена и отфрлена. Живков забранува книгата да се објави, односно да се повлечат печатените примероци и да се претопат во стара хартија. Москва не дозволува историја која ќе ја “разгневи“ Југославија. Издадена е електронски, а во 2003 година е отпечатена. Делото е историографско, фактолошко и неподатливо за читање, напишано од евидентно неталентиран пишувач на ваква проблематика. Лоша одговор, на лоша книга како што е македонската “Историја…“ Слична е судбината и на книгата “Голи оток“…во Бугарија никогаш не е објавена. Тие си го имаат својот лагер “Белене“ и книгата ќе створи непријатни асоцијации!

Кога го гледам пријателството на Венко со Тодор Живков, не може да не се сетам на бугарскиот поет Змеј Горјанин и неговата топла, човечка поезија, преполна до детска духовност. (Ще стана раничко в зори, ще се прекръстя и помоля, и моят дух ще се смири: да бъде Божията воля!) Каде е тука и нашиот “македонец“ (кукушанец и прилепчанец), великиот Атанас Далчев. Тој не е ли поет-патриот, каде е тој во номенклатурата? Прочитајте го само неговото стихотворение ‘К’м Родината“:


Не съм те никога избирал на земята.

Родих се просто в теб на юнски ден във зноя.

Аз те обичам не защото си богата,

а само за това, че си родина моя.

И българин съм не заради твойта слава
и твойте подвизи и твойта бранна сила,
а зарад туй, че съм безсилен да забравя
за ослепелите бойци на Самуила.

.

Овие и многумина други се премолчувани, игнорирани и затворани. Никогаш не напишале покајнички писма. А Тодор Живков и Петар Стојанов оделе во домот на Венко…бил голем поет и патриот! Не ќе да е само поезијата и патриотизмот, Бугарија ги има многу поети и патриоти…

Не, јас не сум имал никакво недоразбирање со Виолета Радева. Напротив, целосно сме се разбрале. Нејзината статија во “Гласове испод леда“ и мојот коментар на неа треба да се само скромен придонес кон демитологизирањето на некои личности и собитија од нашата општа, заедничка историја, демитологизирање на самата историја. Навредливо е за луѓето и од двете страни на границата да се расправаат за тоа кој е чиј дел на самобитноста, а предметните личности никогаш не сакале да бидат дел од нашата заедничка судбина…сакале да се и во “двете“ истории, ама без да ја делат судбината на народот кој го лажеле за сопствената припадност.

Конечно, би требало да се потсетиме на текстот на публицистот Росен Тахов, потомствен македонец од Крушево, за Венко Марковски, објавен во “Труд“ од 20.01.2021 година, насловен како “Венко Марковски е баща на българомразците“:

През октомври Марковски отива в редакцията на вестник „Литературен фронт“. Влиза и докладва:„Македония днес има свой литературен език. Предвижданията на мнозина български критици, особено на Тодор Павлов, Г. Бакалов и др., направени в печата още преди войната, се оказаха съвършено правилни. Така винаги е ставало в историята. Дойдох в България, за да помогна да се наложи македонският език като народен и литературен език на свободна Македония“.

Потоа Тахов ги пренесува и неговите послевоени, “револуционерни“ стихови:

Кой ви каже болгари сте били,
той ви мами
, знайте, той ве лаже,
сака в ярем да ви впрегне сили
и на шия да ви стави яже.

Войници изрод болгари,
по кърф и зверства бирани,
пратени в Македония,
децата во утробите
майкини да ги пропищат,
до чера клали в Септември,

денеска в кърф я баняат
несрекьна Македония
.“

Неспорно е дека личноста има определена ролја во историјата. Треба да се внимава-ролјата може да биде негативна, депримирачка и етички несоодветна. Така и со тројцата споменати. Заради нивната “ролја во историјата“ илјадници луѓе потонаа низ затворите на титова Југославија а некои се вратија со нарушено здравје и растурени семејства. Треба да се пишува за оние кои пострадаа од политиката која ја донесоа овие за кои пишуваме сега. Не е проблематичен нашиот идентитет во светлината на делото на Гоце, Даме, Александров, Михајлов, најмалу на прокажаниот кај нас Симеон Радев. Проблемот на идентитетот ни го донесоа оние за кои до вчера (па и денес) пеевме славопојки и снимавме глупави патриотарски филмови.

Мислам дека јас и Виолета Радева ја разбравме таа работа одамна, многу одамна. Има и некои други кои се на јасно со фактите. Се чека дејствие на вистинските демократски сили во Бугарија и кај нас!

Крај

Непрочитани страници, нејасни позиции!(1)

Непрочитани страници, нејасни позиции!(2)

Слични Објави