Непрочитани страници, нејасни позиции!(2)

//

Пишува: Редакција Трибуна

Еве го писмото на Перев, објавено во книгата:

Здраво Виолета,

Во твојата статија нема никакви фактографски грешки во однос на имињата или на периодите за кои што пишуваш. Но нека позборуваме за еден дел од неа.

Третиот, најдолг и најмачен период од борбата за национално ослободување на Бугарите во Македонија е обележан со повеќе од 700 политички судски процеси, што завршиле со 220 смртни казни, во периодот од 1944 до 1980 г. Убиени или исчезнати се 23 илјади луѓе, повеќе од 120 илјади Бугари поминале низ затворите и логорите на титовистичка Југославија, додека повеќе од 180 илјади се протерани во Бугарија и во други земји по светот.

Овој дел од статијата, секогаш била предмет на дискусија меѓу македонските историчари, без разлика дали станува збор за болшевици-бугаромрзци или за разумни луѓе. Сите сметаат дека тие бројки се претерани и се плод на антијугословенската пропаганда водена од Софија- единствената активност од која СССР стои на страна и не се меша, затоа што знае дека истата нема да предизвика никаков ефект.

Во тоа време немало бугарски весници во Македонија, немало ни телевизија (сега има но никој кабловски оператор не нуди ниту една бугарска телевизија и покрај напорите што ги вложува Софија и заложбите на амбасадорите, особено на упорноста на амбасадорот, генерал Михо Михов), во споменатиот период во Македонија може да се слуша само Радио Софија, но таму не се емитуваат такви емисии. Се од и за Бугарија останува за внатрешна употреба.

Ниту една институција во Македонија не располага со точните бројки за тоа што ти пишуваш, такви податоци, како анализа нема ни во Државниот архив ниту во Институтот за национална историја (ИНИ), во Универзитетот, а МАНУ не се ни интересирала за тоа прашање.

Македонската комисија за лустрација обелодени податоци за досијеата и таму можат да се видат следните бројки:

Во Македонија поради различни причини во графата „внатрешен непријател“ се водат 137 илјади досиеја. По падот на Александар Ранковиќ- семоќниот шеф на тајната полиција на Југославија, на Пленумот во Бриони на ЦК на КПЈ во 1966 г., службата се реорганизира и за обработување остануваат 95 илјади досиеја. Денес во Државниот архив на Македонија има вкупно 36.000 досијеа, но треба да се знае дека во таа бројка спаѓаат и досиејата на политичари, научници и други општественици, кои не биле репресирани. Ако станува збор само за оние, кои настрадале по „бугарска линија“ или по т.нар. „ванчомихајловизам“, тогаш бројката треба да се намали. Следени биле и бегалците од Граѓанската војна во Грција, кои биле раселени во земјите од Источниот блок или СССР, но посакале да се вратат во Македонија т.е. Југославија. Повеќето од нив биле приврзаници на Комунистичката партија и на Коминтерна.

Во никаков случај овде не треба да се забораваат Албанците и Турците во Македонија. Против нив се водени судски процеси поради некаков фашизам, конекции со британското разузнавање и сл.

По иселувањето на Турците од Македонија, процес што завршува кон крајот на 1957 г. насилствата кон нив престанале, но се засилила борбата против албанскиот национализам и така Албанците имаат огромен број досиеја. Поради сето тоа е тешко да се одреди колку од етничките Македонци-Бугари, настрадале поради бугарската кауза или по линијата на ванчомихајловизмот и колку поради својот бирократски етатизам- блискоста со СССР.

Моите лични познавања по прашањето не се сосема точни, бидејќи сум работел според системот на анкетирање, разговори и читање на литература, затоа би можел да речам дека е можно да имало повеќе од 700 политички процеси и да биле донесени 220 смртни пресуди, но во никаков случај тие не биле спроведени целосно. Во целина бројот на спроведените смртни пресуди е многу помал. Бројот на убиените или исчезнатите може да изнесува 23 илјади, но треба да се знае дека Југославија е во војна со Германија до 1 мај 1945 г. Во периодот од 9 септември до 1 мај 1945 г. ЈНА врши мобилизација на територијата на (Вардарска) Македонија, луѓе гинеле во борба со Германците, ама можно е некои од нив да се исчезнати како резултат на активностите на политичките комесари на КПЈ.

Возможно е 120 илјади луѓе да поминале низ затворите на Титова Југославија, но треба да се направи јасна дистинкција, кои биле тие луѓе и зошто биле затворани. Логорот Голи оток нема ништо заедничко со бугарската кауза во Македонија. Таму биле затворани исклучиво комунисти, партизани, партиски секретари- кои го поддржувале режимот и кои биле на страната на Сталин во 1948 г. Нека не те бунат имињата на Венко Марковски или на Панко Брашнаров. Во тој период тие одамна се имале откажано од својата „бугарштина“ и биле на коминтерновски позиции, кои подоцна стануваат пројугословенски, а некои дури преминале и на просрпски позиции.



Низ логорот Голи оток поминале 161,101 души, од нив 900 биле жени. Тие биле затворени на соседниот остров Св. Гргур. Сите биле познати партиски функционери, членови на ЦК на КПЈ, воени команданти на дивизии, познати комунистички писатели и други високи функционери. Логорот официјално е затворен во 1956 г., потоа е реновиран-дрвените бараки се срушени и на нивно место се изградени згради од цигли и камен. Во зградите имало водовод. Венко Марковски бил во логорот на Голи оток во периодот од 1956-1961. Тогаш логорот бил поделен на три дела: за криминалци, за политички затвореници и за малолетници. По 1962 г. Голи оток веќе е затвор со поголем број малолетници.

Злосторствата во логорот од уметничка перспектива најдобро ги има опишано српскиот писател, партизан од 1941 г. и потпретседател на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) Антоније Исаковиќ во неговите две книги „Момент 1“ и „Момент 2“.

Приказните на Венко за злосторствата на Голи оток во неговата книга се чиста измислица, креирана како поддршка за бугарските лелекања и молби кон Москва; фикција напишана за глупавите Бугари и Македонци и за комунистите што ќе дојдат после нив. Терор во логорот Голи оток се врши во периодот 1948-1956. Од овој период се неспорните раскази за жестоката расправа со „своите“ од страна на комунистите. Во периодот 1953-1956 логорот бил делумно затворан и реновиран од самите затвореници-информбировци. Изградени се згради, павилиони, кујна, направен е водоводот и е изградена бања. Логорот изгледал како интернат. Во тој период, ако не се лажам таму е однесен Венко, превоспитувањето се одвивало со читање на политички лекции и пропаганда од југословенски интелектуалци. Лекциите биле посветени на т.нар. Титовистички хуман социјализам. Лекции во Голи оток држел еден Ежен Гилвик и други научници од странство.

Венко е еден од „татковците“ на македонизмот, но се откажал од него, веднаш откако дознал дека нема да биде признаен за негов „патријарх“. Јас сум бил на Голи оток некаде околу 1963 г., тогаш таму се наоѓаше затвор за малолетни деликвенти. Условите беа хумани. Тоа го знам затоа што мој братучед од Загреб ги градеше и уредуваше павилионите по 1953, па ме однесе да го видам и тоа „чудо“.

Голи оток конечно и официјално е затворен во 1988 г. за потоа да стане туристичка атракција. Секоја година таму одат потомците на затворениците, за да го видат најстрашниот затвор во Европа по Втората светска војна. Две телевизии, од Хрватска и од Јапонија снимиле документарни филмови за логорот.

Нема како 180 илјади луѓе да се протерани во Бугарија. Точен е само вториот дел од реченицата: и во други делови на светот– така може. Треба да се каже дека емигрирале на Запад. Некои со документи, други илегално преку камповите во Италија и Грција. Одредени луѓе побарале засолниште во Бугарија во периодот 1944-1948, но бугарските комунисти ги враќале тие луѓе назад во рацете на Тито или пак ги стрелале, најчесто по долината на реката Струма, додека „ги носеле за Македонија преку Петрич и Струмица“. Стреланите по патот за Петрич, биле закопувани во плитки гробови во песокот на Струма. Кога водата во реката се повлекувала, можеле да се видат делови од телата на убиените. Птиците грабливци, дивите ѕверови, домашните животни ги јаделе тие останки, а кучињата ги разнесувале по околните села. За тоа се напишани книги, тоа е вистината, во тие книги македонските удбаши, отворено зборуваат за својата плодна соработка со припадниците на бугарската Државна безбедност, но не зборуваат за стрелањата по долината на реката Струма.

Се разбира дека ниту еден нормален Македонец не сакал да дојде, да избега или да живее во Бугарија, ако не бил советски агент или некаков малоумник.

Извини, но во Македонија после 1950 г. сите знаеа за злосторствата на бугарската власт извршени врз припадниците на ВМРО и патриотите таму. Дури еден Димитар Талев му испратил порака на татко ми, која што отприлика гласела така: Ако беше тука ќе те ликвидираа уште во првиот јуриш на комунистите. Седи си таму во Прилеп, таму ти е најсигурно ќе преживееш…

Тие мои размислувања за статијата се повеќе како реминисценции, која што таа ги предизвика, отколку како некакво професионално мислење.

Продолжува…

Непрочитани страници, нејасни позиции!(1)



Претходна статија

Врабевски: За две седмици клубот на КЦ Иван Михајлов ќе биде обновен, ќе ангажирам детективи од Хрватска, за да помогнат во откривањето на сторителите

Следна статија

Радев и Донфрид разговараа за РСМ, го осудија палењето на КЦ „Иван Михајлов“ во Битола

Најново од Анализи & Коментари