НЕЗАВИСЕН: НЕ САМО ЛИКА, ЌЕ „ЛЕТААТ“ И ДРУГИ МИНИСТРИ?

Вести Истакнато Македонија

Реконструкција на Владата нема да има, но веројатно ќе има смена на министри, потврди вчера премиерот Зоран Заев. Тој не спомна конкретни имиња, ама алудираше дека одговорност ќе мораат да понесат сите оние што не ги исполнуваат задачите, но и што не доаѓаат на работните места, а земаат плата.

„Не размислуваме за реконструкција при вакви сериозни парламентарни процеси. Секако, ако некој министер не доаѓа на влада – логично е дека владата треба да седне да размисли тоа да се промени. Разговараме со коалициските партнери кои споделиле одговорност со нас во делот на другите ресори ако се случат такви потреби, па ако некаде немаме ефекти, знаеме како“, рече Заев.

Тој посочи и на нереализацијата на капиталните инвестиции, нагласувајќи дека и во овој дел е потребна политичка одговорност.

– Има два чекора. Првиот е да ги одземеме парите и да ги насочиме на друго место. Тоа го направивме, ги насочивме кон општините, барем да го дигнеме капацитетот на локалната самоуправа. Вториот чекор е политичката одговорност. Разбирам, службите имаат страв од потпишување, има нерешени имотно-правни односи, има проекти што не се дозавршени, но ниту јас ниту граѓаните имаат разбирање за нас ако не ги реализираме плановите од буџетот, посебно капиталниот развој на Македонија. Сите сме времено овде, мораме да сносиме одговорност, а таа одговорност ќе биде толерирана од страна на граѓаните само ако дефинира успешност“, рече Заев.

Деновиве во јавноста повторно беше актуелизиран проблемот со вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, кој со месеци не доаѓа на „Илинденска“ поради кавга со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Најавата на Заев дека одговорност треба да преземат оние кои земаат плата, а не одат на работа се смета за сигнал за можно разрешување на Лика од функцијата во владиниот кабинет, за што, пак, одлука треба да донесе Собранието.

Ахмети во интервју за ТВ „Клан Македонија“ негираше дека се дискутирало за нова владина реконструкција. Сепак, тој посочи дека ќе се анализира работата на функционерите. (Целиот напис прочитајте го овде)