| |

Никица Корубин за Локално: Односот со Бугарија, а со тоа и со ЕУ зависи пред се од нас самите, и што ние сакаме како држава

Поранешната пратеничка Никица Корубин во разговор со Локално изрази надеж дека дека настанот од саботата (6 мај бел. уред.) нема да влијае на нашите преговори со ЕУ, иако вели дека нашето поведение последните месеци кон Бугарија, а со самото тоа и кон ЕУ е во најмала рака чудно и непотребно рестриктивно. Таа за „Локално“ вели дека едно е осуда или несогласување со ставови на официјални лица од Бугарија, и дипломатски механизми за комуникација, во случајов и официјално лице на институциите на ЕУ, а сосема друго ниво е забрана за влез. Истакнува дека во забраната нема двонасочност, забраната е едностран чин, нетипичен и несфатлив за земја-идна членка на ЕУ.

На прашањето дали земјава со право се реши со ваков чекор, соговорничката оценува дека проблем е и контекстот на забраната, одбележување на настан поврзан со жртвите од Првата светска војна, за кои за слични одбележувања присуствуваат наши официјални лица.

-Зарем треба воопшто да се запрашаме дали овој чекор е исправен, зарем треба да реагираат официјални лица од Европскиот парламент или Европската Комисија, за да го воочиме апсурдот на нашето постапување, прашува екс-пратеничката.

Децидна е дека тоа што двете најголеми македонски партии се обединија на прашање за забрана на влез на лица од Бугарија, само говори за степенот на криза во кој се наоѓа политичкиот живот кај нас и флагрантно неразбирање на суштината на евроинтеграциите, како систем на промена на политичката свест, а не техничко усогласување со европското законодавство.

-Односот со Бугарија, а со тоа и со ЕУ зависи пред се од нас самите, и што ние сакаме како држава. Сакаме суштинска реформа на системот, сакаме суштински независна држава или сакаме „замрзната“ состојба на вечно ламентирање, себесожалуваење, а всушност фактичко опструирање на сопствената иднина, посочува Корубин.

За обвинувањата на самиот Ковачев дека со оваa одлука „сакаме да останеме на оската Скопје-Белград-Москва“, поранешната пратеничка ни рече:

-Kога за државата и општеството е прифатливо во земја членка на НАТО, членови и претставници на Руската православна црква да престојуваат во Северна Македонија, и МПЦ-ОА да гради добри односи со нив во услови на агресијата на Русија врз Украина; кога за парламентот приоритет за ратификација имаат документите од Отворен Балкан, а не од Берлинскиот процес; кога главна преокупација е како да се „сруши“ стратешкиот проект за Коридорите 8 и 10 – ирелевантно е што ќе каже Ковачев. Ние самите треба да се запрашаме, каде сме тргнале? Јас мислам кон ЕУ, се надевам се уште исто мислат и тие што одлучуваат во име на граѓаните.

Слични Објави