Никола Цолов со впечатлива победа во спринтот на „Силверстоун“ се искачи на врвот во Формула 2
Бугарскиот возач Никола Цолов извојува впечатлива победа во спринт-трката од Формула 2 на патеката „Силверстоун“, откако го претекна Габриеле Мини во последниот круг и се искачи на чело на генералниот пласман во шампионатот, јавува БГНЕС.
Бугарскиот пилот имаше одличен старт и освои две позиции уште во првите метри, а до крајот на првиот круг напредуваше за уште едно место по успешниот напад против Ритомо Мијата. По краток период зад безбедносното возило, Цолов го претекна и Рафаел Виљагомес, за да се позиционира на второто место.
Во следните кругови тој постепено го намалуваше заостанувањето зад лидерот Габриеле Мини и во втората половина од трката влезе во зоната за користење на DRS. Италијанецот долго време успеваше да ги одбива нападите на Бугаринот, но на почетокот од последниот круг направи грешка, која Цолов ја искористи на најдобар можен начин. Со помош на DRS, тој го изведе решавачкото претекнување на правецот „Велингтон“ и поведе до финишот.
Бугаринот прв ја мина целната линија со предност од 1,2 секунди пред Мини, а трет заврши Рафаел Виљагомес.
„Не очекувавме денес да победиме, едноставно сакавме да завршиме во топ 5. Имав добар старт, бев агресивен и стигнав до третото место. Потоа беше тешко да го претекнам Габриеле, кој добро се бранеше, но на крајот ја освоивме петтата победа за сезоната. Направивме добар чекор од вчера до денес“, изјави Цолов за Диема Спорт.
Бугаринот исто така потврди дека со тимот планираат главната трка да ја започнат со меките гуми и да ги заменат со тврди во текот на натпреварувањето.
„Ако е суво, планот е да започнеме со меките гуми, а потоа со тврди. Денес нашата стратегија функционираше и ќе се обидеме да го повториме тоа утре“, додаде лидерот во пласманот кај возачите во Формула 2.

