Обвинителите, евреите и удбашката политика на битолското обвинителство
Пишува: Владимир Перев
1. Една поинаква корупција
Далеку од тоа дека сакам да му оддавам некакво признание на премиерот Мицкоски за неговото досегашно владеење со Македонија, но некои нешта треба да му бидат признаени. Притоа, не треба да се лоцираме на трагедијата во Кочани, резултатите од напорите на оваа влада, допрва ќе треба да се опсудуваат. До сега барем, сѐ е во ред. Признание! Нашиот интерес треба да биде насочен кон виталните делови од општествениот систем, па како што и самиот премиер посочува, треба да се согледаат состојбите во правосудието, обвинителството и во другите витални сегменти, обземени со јавашлук и невидена корупција. Притоа, не се мисли само на матерјално-финансиска корупција за која сите знаеме, станува збор и за ментална, политичко-етничка и расна корупција, насочена кон поединци од македонското општество. Материјалите добиени од Битолското јавно обвинителство за казусот “Клуб Ванчо Михајлов“ Битола, изобилуваат со националистички инсинуации, етничка местенка од најдолен вид, удбашко провокативни толкувања за историјата на Македонија и Битола, како и фрази од едно време за кое мислевме дека одамна е заминало во неповрат. Згора на сето, актот е напишан на еден полуписмен, простачки македонски јазик од кој секој битолски осмооделенец би се засрамил. Да почнеме по ред.
2. Мојата демократска Битола
а.1.) Во Обвинителниот предлог на ОЈО Битола стои дека Љупчо Ѓорѓиевски во периодот од 16.04.2022 година до 22.03.2023 година како овластено лице на Центарот Иван Михајлов …дозволил да се регистрира здружението на ден кој е 16.04.2022 година-ден Шабат и прв ден Песах -еден од наголемите еврејски празници кога Евреите од целиот свет го слават ослободувањето од египетското ропство…
а. 2.) Како тоа обвинетиот дозволил? Здружението е регистрирано онака како што налага законот, во одредено време и место. Отворањето на центарот исто така е во согласност со законот. Тоа што било на ден кој е свет ден за евреите, воопшто не значи ништо за другите националности. Денот е како и сите други денови, празничен и работен за оние кои не припаѓаат кон еврејската етничка заедница.
б.1.) Обвинувањето дека објектот е преднамерено отворен во ткн. Ла Маале, Еврејско маало, во близина на Пионерскиот дом, кој бил дом на предвоена напредна еврејска младинска организација, си заслужува внимание и посебно елаборирање.
б.2.) Неспорно е дека во тој дел од градот имало еврејски куќи. Пионерскиот дом е всушност куќа на богат евреин, во која по војната беше сместена битолската милиција и службата на УДБ-а во еден период. Подоцна станува Пионерски дом. Такви куќи имало на повеќе места низ Битола, но Еврејското маало во Битола е разрушено и сега на неговото место е Здравствениот дом…останати се и некои од еврејските куќи.
Моето семејство, по дедо ми Кузманови-Христо (Ицо) во Битола се населува некаде околу 1860 година, доаѓаат од Српци Беранци. Баба ми Фанија, доаѓа од Прилеп, од семејството Грашеви-Бадеви. Прво живеат во Јени маале, каде е родена тетка ми Тодорка, за потоа да се преселат Чифте фурни, каде над фурните во куќата е родена мајка ми Елена, за потоа да се преселат на поранешната улица Ѓуро Ѓаковиќ, каде е родена најмалата тетка Надежда, веднаш карши Бугарската Митрополија, до куќата на владиката Коле Бабаче и домот на Иванка Чаулева, вдовицата на војводата Петар Чаулев. Потоа се селиме во “чикмакот“ кај Пенџерковци, каде и денес постои куќата. Во Битола, секое маало на влашки би било ла маале, слично како и на ладино. Во мојот крај немало еврејски куќи собрани како целина за кои некој би рекол дека се еврејско маало. Имало и влашки куќи, како и огромни куќи на битолските гркомани, кои по крајот на Првата светска војна си заминале за Грција и куќите биле во владение “под секвестар“. Во тој дел од градот, кај јужната порта на бугарската црква Св Богородица живеат познатите семејства како Пенџерковци, Делови, Коле Свештарот, адвокатот Иван Алтипармаков, едно време и адвокатот Филота Христовски, стариот Силјан Мицевски, а на источната страна е познатиот емигрант и пријател на Ванчо Михајлов, Методи Димов Габеро. Дедо ми Христо и дедото на Циле-Силјан Мицевски, и двајцата високи, слаби и со маркантни мустаќи, беа црквени псалти во црквата св. Богородица. Во црквениот двор некогаш, а и сега е осмолетката св. Кирил и Методиј, некогаш бугарско егзархиско училиште. Самиот пак Клуб Иван Михајлов, сместен на Рузвелтова е наспроти малата прекрасна куќа со двор на битолскиот апотекар Ташко (Атанас) Филипов, за кого никако не би се рекло дека е евреин. Од другата страна на Широк сокак се наоѓа улицата Белградска во која е сместена елитата на влашко-грчко-српската резидентура. Од таму па се до целиот комплекс на старата болница е влашко-гркоманското маало, познато по своите високи и убави куќи. Низ архивните документи на ДБК може да се види дека сите жители на Белградска имаат свои досијеа кои ги поврзуваат со странски разузнавачки служби (не со бугарски), а таму е и домот на трагично убиената од органите на УДБ-а, Олимпија Кацујану.
Горе-долу тоа би била реалната ситуација во тој крај. Маалата биле поделени, богати власи, грци и евреи нормално дека имало низ целиот град, ама еврејското маало е на пространствата на и околу сегашниот Здравствен дом во Битола. Така биле (некогаш) поделени и гробиштата. Бугарите на Света Недела, каде е и Штабот на Востанието 1903, а елино-власите и гркоманите на Буково. Затоа, тој дел од обвинението не стои.
3. ОЈО Битола меѓу Хораст Ланд и Густав Влахов
Никој нема намера да го брани Ванчо Михајлов, нему таа одбрана не му е нужна. Лидерот на ВМРО целиот свој живот го поминал како слободен човек во Бугарија, Македонија, Турција, Полска, Унгарија, Хрватска, Австрија и Италија. Суден е во неколку наврати на смрт од бугарските власти, од онаа Бугарија која ние овде со задоволство ја нарекуваме монархофашистичка. Тие смртни пресуди би требало да бидат неговиот пасош за слободен живот…па така и било. Имал контакти со сите значајни луѓе на своето време, но најдобар пријател бил со Кемал Ататурк. Колку да се знае, Михајлов е еден од борците за модерната турска држава, содружник и сојузник на Ататурк во 1922 година во одбраната на Анкара од грчката агресија. Навистина, бил пријател и со Анте Павелиќ, бил негов гостин во воените години, но безобразие е да се тврди дека бил присталица на неговата национална политика. И нашиот Јосип Броз Тито бил пријател на Џугашвили Сталин, ама ајде некој нека каже дека ја следел неговата политика на Гулаг лагерите и дека Голи Оток е “титовиот сталинизам“. Да бидеш пријател и соборец во војната со Сталин, не значи дека си сталинист. Или Тито може би бил???
Историските документи на странските конзули и разузнавачи во времето на Илинденското востание говорат само за бугари и власи во редовите на ВМРО и четите. Тие ги даваат и жртвите. Ванчо го употребува терминот бугари и аром’ни, а власите говорат во писмените и говорни материјали дека се борат заедно аром’ните и в’ргарите…тоа му доаѓа на исто, ама сите тие заедно се македонци, тоа се подразбира.
Изјавите на Ванчо Михајлов за македонската нација и јазик се проблематични, но само од персонална гледна точка. Тврдењето дека македонската нација и јазик се формирани од таткото Тито, мајката Блаже Конески и Хорас Ланд како акушерката, се проблематични, но не се казниви. Некои од нас тврдат дека ние сме синови на Александар Македонски и нашиот јазик е јазикот на Александар…истите се чувствуваат навредени кога им се каже дека Тито е татко на нацијата. Некои од нас сакаат Александар Македонски да е наш татко, па да бараме, по основ на наследство, да го владееме светот од Скопје до Рангун. За нив никој не поднесол обвинение, напротив!
Што се однесува до изјавите за агентите на србизмот кај нас, во контекст на Колишевски, Димитар Влахов и Апостолски, тоа се нешта кои овде често се слушаат, а за времето на либерализмот во периодот 1966 до 1974, редовно беа и полуофицијално повторувани и никој за тоа не беше суден. Лично за Димитар Влахов не сум согласен, неговиот син Густав Влахов кој бил шеф на кабинетот на Маршалот Тито, мајор на советската Црвена армија и титов амбасадор во Виена, во своите Спомени издадени од Студентски збор во Скопје, тврди дека дома секогаш говореле за себе сѝ како за бугари и дека говореле на “бугарски јазик“…впрочем, ништо чудно. Татковците и синовите често за обичните работи имаат различни мненија. Меѓутоа, нас секогаш не учеле дека “Тито ни ја даде државата и правото на јазик“, и тука нема ништо спорно. Ни ја даде оваа Македонија, нашата сегашна “северна“, па затоа и никој не смее да писне и да ја побара онаа Егејската…за Пиринската понекогаш се слуша слаб, срамежлив глас. Ванчо мислел и ја барал Цела Македонија, а не само “северна“…дали е заради тоа виновен?
4. Ќе имаат ли “некој свој“ бугарите во Северна…
Харангата која ОЈО во Битола ја води против клубот Ванчо Михајлов и против Љупчо Георгиевски, фактички е харанга против оној дел од македонскиот народ, кои се чувствуваат како етнички бугари и си ги бараат своите права исто како албанците, власите, србите, ромите и другите етникуми во Македонија. Името на Ванчо не е спорно-ако Клубот беше наречен Гоце Делчев или Дамјан Груев, па нека е и Григор Прличев, што мислите, дали немаше да има реакции и подметнувања од типот дека “ете пак, бугарите ни ја присвојуваат историјата“. Ако пак бугарите го наречеа клубот Александар Македонски, тој ќе беше “успешно запален“. Обвинителски цинизам и чиста перверзија е надобудниот чалгаџија и пироман, суден за тероризам, да биде повикуван на суд како свидетел за истото дело за кое е суден…таму ли ќе треба да плаче и да ги кажува своите фрустрации од “името и ликот на Ванчо Михајлов“.
5. Непоматената слобода на “фашистот“ Ванчо
Кога се говори и пишува за Ванчо Михајлов, дел од македонската академска фела, со леснотија ги употребува зборовите, фашизам, нацизам, антисемитизам и слични удбашки епитети врз основа на кои, македонските квазисудови по војната ги суделе граѓаните на Македонија. До сега, никогаш ниту една влада на Југославија (титовата), на Бугарија (царската и димитровската) као и Грција, никаде не поднесле официјално барање за негова екстрадиција и судење во некоја од тие земји…сите знаеле дека живее во Рим, на Виа Понза бр. 6 и се движи како слободен граѓанин низ градот и цела Италија. Никаде никој до сега не изнесол ниту покажал некаков валиден документ на домашна или странска влада за антихуманата дејност на Ванчо Михајлов, или некаков документ дека се бара негово судење и приведување врз основа на она, што во најмала раке е неуспешна белетристика на битолското ОЈО. Колку да се знае, битолскиот евреин Рафаел Камхи кој бил раководител на солунскиот огранок на ВМРО, се спасува од нацистичката депортација во 1943 година, благодарејќи на заземањето на истото тоа Ванчовистичко ВМРО и лично цар Борис Трети. Добива државјанство и пасош, заминува за Софија, за по 1948 се насели во Израел. Умира на стогодишна возраст и остава книга со своите спомени, во која се споменуваат само бугари, власи, евреи, турци, грци и други, но никаде етнички македонци. За него, сите тие биле македонци по територијата во која се движеле и дејствувале.
6. Црни перспективи за нашата “Северна“…
Битолските болшевици и србомани, здружени со дел од еврејската заедница кај нас, веројатно помогнати и од некои еврејски организации во Бугарија, играат шовинистичка игра за омраза кон македонските бугари и бугарите воопшто. Тоа не е ништо ново, тоа е позната приказна од подолг период. Тоа е игра од многу повисока класа, каде што овие наши квазинационалисти и квазипатриоти, немаат пристап ниту како публика. Жални се напорите во тоа да учествува и ОЈО во Битола, свесно навлегувајќи во поделби на македонското етничко и државотворно ткиво.
За скоро време ќе биде парламентарно опсудувана дејноста на ЈО и на Јавниот обвинител на РСМ. Обвиненијата сега за сега се движат во насока на клиентелизам, непотизам и корупција. Нема да биде на одмет, во расправата да се отвори и темата за национално и етнички подривната ролја на битолското ОЈО, за враќањето кон методите на УДБА-а од годините по војната и за нарушување на меѓучовечките и меѓунационални вредности кои секогаш ги имало општеството во Македонија, а најмногу во мојата Битола, како најкосмополитскиот град на Балканот во свое време.
