| | |

Одбележуваме 101 година од убиството на легендарниот водач на ВМРО и на македонските Бугари Тодор Александров

На 31 август 1924 година, кај селото Сугарево во Пирин планина, е убиен Тодор Александров Попорушев (1881–1924) – револуционер, член на Централниот комитет и легендарен водач на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО).

Александров е роден на 4 март 1881 година во штипската населба Ново Село, во семејството на учителот Александар Попорушев и Марија Хаџијанева-Попорушева. Детството го минал во Радовиш и Штип, а од 1895 година учел во бугарското педагошко училиште во Скопје, кое го завршил во 1898 година со одличен успех. Таму, на 16-годишна возраст, бил посветен во ВМОРО од Христо Матов.

По завршувањето на школата работел како учител во Виница, каде што помогнал во обновувањето на организацијата, потоа во Кратово и Кочани. Соработувал со Иван Шатев и Владимир Карамфилов, а бил во контакт и со Павел Шатев, кој се обидел да го привлече кон групата на „Гемиџиите“. Александров, иако ги поддржувал нивните идеи, одбил да учествува во терористички акции и се фокусирал на организирање на населението и создавање широка мрежа на комитети.

Во март 1903 година бил уапсен од османлиските власти во Кочани и осуден на пет години затвор во Скопје, под обвинение за „учество во преписка со бугарски бунтовници и раководење на бунтовнички работи“. Со општата амнестија од април 1904 година бил ослободен. Потоа станал главен учител во Штип и член на локалното раководство на ВМОРО, заедно со Тодор Лазаров и Мише Развигоров. Во јануари 1905 година преминал во илегала и станал секретар во четата на Развигоров.

Од 1906 година бил еден од раководителите на Скопскиот револуционерен округ. Во 1907 година бил избран за окружен војвода, а подоцна учествувал во подготовките за Кюстендилскиот конгрес. Во 1909 година, заедно со Тодор Лазаров, организирал неуспешен атентат врз Јане Сандански во Цариград.

По Хуриетот (1908) Александров со мала чета заминал за Бугарија. Во 1910 година повторно се вратил во Македонија и раководел со чета која дејствувала во Скопскиот округ. Во 1911 година бил избран за член на Централниот комитет на ВМОРО, заедно со Христо Чернопеев и Петар Чаулев.

Александров бил меѓу организаторите на атентатите во Штип (1911), Кочани и Дојран (1912), кои биле меѓу поводите за Балканската војна. Командувал со чета №52 на Македоно-одринското ополчение, со која учествувал во акциите во Солунско и при ослободувањето на Кукуш.

За време на Првата светска војна служел во Штабот на Дејствувачката армија. Во овој период ВМРО се интегрирала во воената структура, а Александров имал влијание врз поставувањето на администрацијата во окупираните територии.

По 1918 година станал водечки деец на емиграцијата од поробена Македонија во Бугарија. Заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев ја обновил ВМРО и ја зацврстил нејзината структура. Организацијата ја контролирала Пиринска Македонија и спроведувала вооружени акции против српските и грчките окупаторски власти во Вардарска и Егејска Македонија.

Во 1920-тите години ВМРО се судрила со владата на Александар Стамболиски, а по Деветојунискиот преврат (1923) организацијата го зацврстила своето влијание. Во 1924 година во Виена бил потпишан т.н. Мајски манифест за соработка со комунистичките партии на Балканот. Александров објавил дека документот не е лично потпишан од него и јавно се откажал од манифестот.

На 31 август 1924 година,кај селото Сугарево, тој бил убиен заедно со својот телохранител Панзо Зафиров од Свети Николе. Физичките извршители Штерјо Влахов и Динчо Вретенаров биле ликвидирани од ВМРО, истата судбина ја споделуваат и Алеко Василев-Пашата и Георги Атанасов, во кои наследникот на Тодор Александров, Иван Михајлов се сомневал дека се нарачатели на убиството.

Тодор Александров е погребан кај црквата „Св. Илија“ во Сугарево. Во 1928 година во Ќустендил бил подигнат споменик, урнат во 1946 и обновен во 1991 година. Бисти со неговиот лик се поставени во Софија, Пловдив, Бургас и Благоевград, а во главниот град постои и булевар со неговото име. На Антарктичкиот Полуостров е именуван „Александров врв“.



Слични Објави