|

Одбележуваме 141 година од раѓањето на револуционерот и кратовски војвода Славчо Абазов

На денешен ден 9 март во 1883 г. во Злетово е роден револуционерот и кратовски војвода на ВМОРО – СЛАВЧО АНАСТАСОВ АБАЗОВ. Завршил Бугарско педагошко училиште во Скопје, заедно со Тодор Александров. Станува учител во Кочани и раководител на злетовскиот комитет, кој се претвора во важен пункт за снабдување со оружје од Бугарија. Учествувал во подготовките за Илинденското востание, а по Солунските атентати е затворен од властите заедно со татко му во Скопскиот централен затвор, Куршумли ан. Меѓу осудените е и Тодор Александров:

„Под број 36 фигурира Славчо Абазов, со следните податоци: Славчо, син на Анастас; местоживеење – с. Злетово, Кратовско; потекло и вера – Бугарин, православна; кривично дело – подготовка и осигурување на засолниште и храна на Бугарските бунтовнички разбојници и пројавена активност по собирање пари од населението и пренесување и доставување на оружје, муниции и други бојни средства; дата на задржвањето – 24 мај 1903 г.; основа и големина на казната – 3 години затвор, согласно чл. 63 од Казнениот закон.

Под број 53 таму е регистриран Тодор Александров осуден на 5 години затвор по истиот чл. 63 од Казнениот закон за учество во тајната преписка на Бугарските бунтовнички разбојници и во раководењето на бунтовничките работи.“

ВОЈВОДАТА СЛАВЧО АБАЗОВ 1883-1928, Славчо Славчов Абазов

По излегувањето од затвор се борел против српската вооружена пропаганда, бил делегат на Скопскиот окружен конгрес. Во 1908 г. бил назначен за шеф на Ќустендилскиот пограничен пункт на ВМОРО со задача за вооружување и испраќање чети преку границата. Војувал за време на Балканските војни како војвода во Македоно-одринското ополчение на Бугарската војска. Неговата чета заедно со Бугарската милиција го ослободува Кратово. Испраќа писмо до Бугарскиот премиер во кое го опишува агресивниот однос на српската окупаторска војска кон месното Бугарско население. Награден е со орден За воена заслуга и воен крст За храброст. Во текот на Првата светска војна Абазов бил подофицер во 11 дивизија на Бугарската армија, која ги зазема позициите во близина на Валовишта. Во јули 1918 г. Славчо бил назначен за член на окружната постојана комисија во Куманово и водел голема грижа за да го овозможи прехранувањето на наслението. По завршувањето на Првата светска војна, тој се повлекол во Бугарија каде учествува во активностите на македонските емигрантски организации и бил член на Кратовското добротворно браство. Учествувал во основањето на Илинденската организација и бил прв нејзин благајник. На Основачкиот конгрес С. Абазов е избран во Раководното тело. Умира на 7 февруари 1928 г. во Софија.

Слични Објави