|

Одбележуваме 147 години од раѓањето на прилепскиот војвода и учесник во Илинденското востание Петар Ацев

На 7-ми јуни 1877 г. во селото Ореовец е роден егзархискиот учител, прилепски војвода на ВМОРО и учесник во Илинденското востание ПЕТАР АЦЕВ ХАЏИКОСТАДИНОВ, од родот на Симоновци. Завршил гимназија во Софија, каде кон крајот на школувањето, бил посветен од Ѓорче Петров во Организацијата. Учителствувал во с. Плетвар, Прилеп и Крушево. Во 1902 г. станал околиски војвода во Прилепско. Како претставник на Прилепскиот револуционерен округ учествува на Смилевскиот конгрес и е еден од основните противници на предвременото востание. Избран е за резервен член на Главниот штаб. Учествувал во многу борби со Турската власт, како и со грчката и србската вооружена пропаганда во Македонија. Учествува и во борбите кај с. Рајчани, Кочанско 1905 г., каде загинува Никола Карев, како и во битката на НОЖОТ 1907 г. На Ќустендилскиот конгрес во 1908 г. е избран за дополнителен член на ЦК на ВМОРО. По Младотурската револуција се легализира и се населува во Прилеп. Делегат е од Прилеп на Првиот заеднички собор на Бугарската матица во Солун, 1910 г. Истата година е уапсен, жестоко измачуван и осуден на доживотен затвор. Кон крајот на 1911 г. е амнестиран и се населува во Пловдив. Во Балканските и Првата светска војна учествува како доброволец во Бугарската армија. На 27-ми декември 1917 г. го потпишува Мемоарот на Бугарите од Македонија, протестен документ на ЦК на ВМОРО. По војните живее во Бугарија, каде учествува во работата на Временото представништво на бившата ВМОРО, а покасно е член на Илинденската организација. Умира во Пловдив, 1939 г.

Во своите СПОМЕНИ пишува:

“Крушовската „Баба Тонка“

Таа баба од Крушово единствено се китеше со прекарот „Мајка на комитите“. И таа беше во полниот смисол на зборот мајка на сите, кои ги вршеа опасните работи – таа не трепереше толку над своите родни внуци – колку над револуционерите – легални и нелегални. Години на ред нејзината куќа беше прибежиште на опасни комити и револуционери. Не и’ трепна окото, не потрепери нејзината старечка рака кога потребата налагаше да скрива во пазувите револуционерна архива, револвери и друго оружје. Не и’ здодеа да пере и готви на сите, на таа цела деноноќна врвулица, без некој да помисли да ја награди за деноноќниот труд, за ризиците кои секоја минута го заплашуваа нејзиното суштествување.

Таа произлегуваше од Малковскиот род, мајка и’ и татко и’ беа Бугари, познати трговци и Бугари-првенци од Крушово. Пара се омажила кога се градеше црквата Св. Богородица, со средства и труд на Бугарското население во средината на Бугарскиот дел на градот. Народот започнал да се служи со Бугарски богослужбени книги и пееле на Бугарски јазик. Грчките духовни представители со итрина и измама ги однеле клучевите од Бугарските епитропи. Ја затвориле црквата и изјавиле дека нема да ја отворат, додека граѓаните не се објават за Грци и ја признат патријаршијата. На собранието свикано од енореите-Бугари, бујните младежи предложиле насила да ја скршат вратата, а умните старци не се согласиле. Жените, млади и стари од соседните куќи, навалиле и ја зазеле црквата, со клетва да не ја напуштат, додека таа не се признае за Бугарска. Пара имала дете доенче кога била таму. Проклетите гркомани го однеле прашањето до турските власти – бараат ослободување на црквата од Бугарите. Испратена е од Битола војска да ги смири разбунтуваните Бугари. Жените изјавуваа:

-Камени и греди сме влечеле на раце, прстените и обетките сме ги продавале! Изградивме црква за себе си, а не за грчкиот владика. Сакаме наша црква и наши владици и попови.

Биле поставени стражи околу црквата. Преку глад и ограничувања почнале да ги принудуваат жените сами да излегват, кои биле решени да умрат за народот и верата. Баба Пара расправаше: „Не беше мака да се гладува, трпевме и за вода. Но мака видовме кога ни ги запреа децата, ние млади невести, кои имавме деца, ни ги носеа првите денови да ги нахраниме. Подучени од подлите гркомани Турците забранија да ни ги подаваат децата. Кога млекото во градите ни надојдуваше поднесувавме нетрпеливи болки. По некое време Турците почнаа да не’ измачуваат. Ги натераа луѓето да се наредат пред црквата со децата на раце. Ние од внатре се превивавме од болки и млекото напразно ни течеше, а надвор децата ни пиштеа за мајчина града.

Дедо Атанас и Цуце однесоа тајно писмо до Битола пред валијата, кои му објасниле дека црквата е изградена на Бугарско место, со Бугарски средства и за потребите на Бугарите. Најпосле дојде заповед да се предадат клучевите на црковните настојници.“

***

“Земјите по двете страни на Вардар и самиот Вардар припаѓаат на Бугарското население, кое ги населува и следствено не можат произволно да се дават на тој – на оној да ги владее политички, дури и да би имал потреба. Во спротивен случај реакцијата против туѓата власт е неминовна и таа реакција е вон секакво сомнение, штом е збор за земји како нашите, кои во блиското минато – низ турскиот и низ србскиот режим – тие долго време биле огниште на вооружени востанички движења и со тоа станале прва причина на последните три ослободителни војни од страна на слободна Бугарија. Разумното и вистинското користење на Вардарскиот и на сите други басени на Балканот е возможно само при еден суштински и основен услов: тоа е – слободата на секој народ во неговите природни етнографски граници и заемното уважување

на природните права на секого. Заштитувајќи ги со своите гради тие начела преку неговото учество во најкрвавата војна, каква светот не видел, Бугарскиот народ и денес протега рака за мир и согласност, решен во истото време да продолжи да дава жртви за слободата и своето обединение, ако тие му се наложат од несправедливата желба да се режат делови од неговото живо тело.“

ПРОТЕСТ НА МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИ, Тодор Александров, 1917.

Слични Објави