|

Одбележуваме 54 години од смртта на д-р Асен Татарчев

На 9-ти август 1970 г. умира д-р АСЕН МИХАЈЛОВ ТАТАРЧЕВ, револуционер и активист на Македонската младинска тајна револуционерна организација.

Роден е во Ресен 1893 г. Тој е внук од брат на првиот председател на ВМОРО Христо Татарчев. Завршил Бугарска гимназија во Битола, а потоа студирал медицина во Женева. Покасно специјализирал акушерство и гинекологија. За време на Балканските војни учествува во Македоно-одринското ополчение, а во Првата светска војна е доброволец во Бугарската армија. После војната е осуден од србските власти на 4 години строг затвор. Од измачувањата оглувува на едното уво и губи две ребра. По излегувањето од затворот е интерниран со семејството во Белград. Во 1932 г. успева со сопругата и двете деца да избегат во Швајцарија. Поднесува петиција до Друштвото на народите во која го разоткрива прогонувањето и уништувањето на Бугарите, систематски спроведувано во кралска Југославија. Во 1941 г. се враќа во Ресен, но во 1946 г. новата комунинистичка власт во Македонија го осудува на смрт, која е заменета со 10 години затвор. По излегувањето од затворот е испратен да работи како лекар во Прилеп, а потоа во Гостивар. Во 1963 г. е преместен во Куманово, постојано следен од безбедносните структури.

Умира под неразјаснети околности.

„Ме ставија во самица без воздух, без облека, без светлина; дишев свиткан под вратата на прагот. Десет дена подоцна ме изведоа од ќелијата и ме однесоа во просторијата каде што ги мачеа затворениците. Таму ужасно тепаа и за да не се слуша пуштаа турски грамофонски плочи… Насилниците дојдоа во затворот, ми ги кренаа нозете и ми ставија дрво под нозете. Извадија ланци од големи автомобилски гуми за снег. Ме удираа пет-шест пати и нозете ми се вкочанија; донесоа леген со вода за да не останат траги. Потоа почнаа да ме тепаат насекаде. Не можев да одам, ползев … Три месеци од моите нозе течеше крв и гној. Земав валкани весници од тоалетите и ги завиткував нозете. Судењето започна. Јас не можев да одам.“

Спомени од затворот во Идризово

Слични Објави