Одбележуваме 92 години од смртта на војводата на ВМОРО Никола Зографов
На 25-ти ноември 1931 г. во Софија умира војводата на ВМОРО НИКОЛА ПЕТРОВ ЗОГРАФОВ. Роден е во велешкото село Ораовец, 1869 г. Заедно со Т. Ецов собираат фолклорни материјали од Велес, Штип и Кочани, кои ги издаваат во Софија во „Зборник за народни умотворенија”. Во 1894 г. се вклучува во револуционерен кружок во Велес, така што го снабдува со оружје и литература. Подоцна истата година се населува во Ќустендил, каде работи како часовничар. Во 1895 г. е назначен од Гоце Делчев за пунктов началник и раководител на Организацијата во градот. Кон крајот на годината во декември е делегат на Вториот конгрес на ВМОРО во Ќустендил. Во 1896 г. учествува во основањето и председава сo Тајниот македонски револуционерен комитет „Труд” во Ќустендил. Во 1897 г. Н. Зографов уредува бомболеарница по идеја на Гоце Делчев. Раководи со Комитетот за помош на бегалците од Виничката афера, а подоцна е избран за постојан претседател на македонското друштво во Ќустендил. Ја поддржува оживеаната кореспонденција со дејци од Задграничното представништво на ВМОРО во Софија и со дејци од Врховниот македонски комитет. Во 1901 г. поради здравствени причини е ослободен од функцијата пунктов началник, но не прекинува да го помага револуционерното движење. Истата година издава „Неколку зборови за борбите во Македоно-одринското организација”. Во Првата балканска војна учествува во Прва ополченска дружина во Бугарската војска, но во 1915 г. го губи целосно видот. Во 1927 г. ја издава последна книга „УРЕДБА НА ЖИВОТОТ. Едно објаснување на прашањата: 1. Како се создаде погромот на Бугарија. 2. Зошто не може да биде извојувана автономијата на Македонија и Одринско “.

“Под раководството на Гоце Делчев и др. бев долгогодишен организатор, учествував во приготовувањето на средствата, за извојување на Автономијата на Македонија. Скршен од тешка работа, во 1901 г. заболев со очите. Во 1915 год. ослепев. Изфрлен од животот, потопен во мрак, со повеќе умствена светлина, започнав да го набљудувам животот. Резултатот од моите набљудувања се следни:
Видов водачите на културниот свет, како направија гилотина и во последните војни и револуции, погубија животи на 40 милиони луѓе. Видов јазичните цркви на христијанската религија, како соработуваа во тој процес.
Видов Бугарија ограбена, раскината на исток, запад, север и југ. Видов поделена Македонија, каде Србија и Грција направија разпетие. Го заковаа на крст Бугарскиот јазик и Бугарското име. Видов стотици илјади Бугари, да скитаат бездомни, голи, гладни, да слушаат со наклонетост секого, кој им ги објаснува причините за нивната и народната несреќа.”
