ОДИ ДРУГАРУ МОЈ И НЕ СЕ ВРТИ НАЗАД! ЈАС ЌЕ ТЕ ИСПРАТАМ НА АЕРОДРОМ!

Слушнете ја сега мојата приказна. Приказна кој е и ваша. Во која сите ќе се пронајдете. Ах, да беше само приказна или сон. Но не е. Се започна пред 14 години, кога мојата единствена мила сестра реши да се исели од Македонија. Реши, бидејќи уште тогаш иако помала од мене, разбра дека тука работата не ја бива. Замина многу далеку, работеше напорно, заврши факултет во туѓа земја, најде работа, го прошета цел свет. Никогаш не се врати назад. Не ни помисли да се врати. Сега таа земја за неа веќе не е туѓа. Сега е нејзина. Нејзин дом. Како поминуваа години, еден по еден, школски, другарите од маалото, роднините, си заминуваа. За секое испраќање збогувањето беше исто: „Не е страшно, баш убаво, да си здрав и жив. Еее, сега ете го Вибер, Фејсбук, ќе се слушаме, ќе се гледаме…“ Ги криеш солзите, и ако недај Боже падне некоја, од радост е се тешиш, ќе се спаси од немаштијата, од нашето балканско Зимбабве…

Овој викенд, само за 2 дена, само за 48 часа, добив три повици од луѓе што ми се многу драги… „Другарке моја, имам една вест… Се селам, најдов работа, убаво е платена, местото е прекрасно… Сите тројца, прекрасни професионалци. Чесни, работливи, трудољубиви… Сите со истата вест. Емоциите измешани. Го држам телефонот и се трудам да не се расплачам. Се радувам што ќе имаат поубав живот и ќе се спасат, и во исто време тагувам. Тагувам што ќе мораме да ги чекаме празниците за да се видиме, тагувам зошто малку по малку навистина станавме држава на спомените. Едниот Америка, другиот Германија, третиот Словачка… Насекаде распрскани, сијалицата исклучена а огништето згаснато.

Кој е крив? Сите знаеме кој е крив. Никој не бега од дома ако му е убаво. Веќе на сите им се смачи муабетот „абе плата има да се помине месецот“. Ние не живееме, ние живуркаме. Ние дојдовме до степен да се радуваме ако ГО ПОМИНЕМЕ месецот без да влеземе во минус… Ама пак и Владата еве се потруди, ќе ни враќа од фискалните. Оф мори мајко, мила мајчичке! Е до тука дојдовме, до радоста за фискалните. Жални сме си ние, ама пак не сме ни глупи. Чашата веќе се прелива. Болката е се поголема. Сакаме достојна работа. И не бе, не сакаме минимална плата од 12.165 денари. Сакаме 30. ооо денари најмалку! Не, ние не сакаме искршени, валкани, празни болници. Сакаме државни болници како сегашните приватни! Не, ние не сакаме некои неписмени партиски вработени пиуни да ни се прават шефови, сакаме тој што навистина заслужил да ни биде лидер. Не шеф, ЛИДЕР! Има разлика!Сакаме напредни училишта, сакаме правото и правната држава да почне да функционира, сакаме модерни театри, кина, ресторани. Сакаме да живееме!

Што направивте вие 28 години? Што направивте вие „големите“?! Не избркавте од дома! И за жал, уште го правите тоа. Не ни продавајте евтини филмови како сме оделе напред. Се гледа тоа по последните повици кои ги добив.

Сепак, на крајот од моите редови, кои со голема болка и солзи во очите ги пишувам: ДРУГАРИ МОИ НАЈМИЛИ ДРУГАРИ, ДА ДАДЕ ГОСПОД ДА СЕ СНАЈДЕТЕ. ДА ДАДЕ ГОСПОД ДА БИДЕТЕ МНОГУ СРЕЌНИ И ДА СИ ГО НАЈДЕТЕ ВАШЕТО МЕСТО ПОД НЕБОТО. ВИЕ ЗАСЛУЖУВАТЕ УБАВ ЖИВОТ. ЈАС ВЕ САКАМ И ЌЕ КОПНЕАМ ПО ВАС ДО СЛЕДНИОТ ПРАЗНИК ЗА ДА СЕ ВИДИМЕ. И НЕ СЕ ВРТЕТЕ НАНАЗАД. ИМАШЕ ДОВОЛНО ВРЕМЕ ТУКА ДА БИДЕ СЕ ПОИНАКУ. ГЛАВАТА ГОРЕ И САМО НАПРЕД. МЕСТАТА КАДЕ ШТО ЌЕ ОДИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ. ПРОФЕСИОНАЛЦИ, ЧЕСНИ И ТРУДОЉУБИВИ…

Автор: Елизабета Најдоска Величкова