|

Одмрзнати цените, нема гаранција дека производите нема да поскапат

Одмрзнати се цените на лебот, зеленчукот и овошјето, а министерот за економија, Крешник Бектеши, нема гаранција дека тие нема да поскапат. Имало само ветување од страна на компаниите. Доколку вештачки се покачат, тогаш инспекциите тоа ќе треба да го нотираат и казнат.

„Во однос на цените на производите, утврдено е дека речиси сите се намалени со владините мерки. Да, тие нема да важат. Ако одредена компанија, одреден сектор, вештачки ќе се обиде да ги зголеми цените, институциите ќе влезат во функција и нема тоа да биде дозволено. Имавме разговори, каде што тие кажале дека за одредени производи ќе има и намалување“, рече Бектеши.

Посебни мерки не се планирани, освен спроведување на законите.

„Не предвидуваме никакви мерки, само ќе важат сите одредби од Законот за пазарна инспекција, УЈП и Финансиска полиција, како и Законот за заштита на потрошувачите. Инспекциите мора да ги вршат контролите согласно тоа што е донесено како одлука од страна на Владата“, додаде Бектеши.

На почеток на април беа замрзнати цените на дел од производите, за да се сопре ценовен шок. Мерките важеа до вчера. Од сега, маркетите можат да ги корегираат по сопствена желба. Владата најави дека будно ќе ја следи состојбата.



Слични Објави