| |

Омразата кон Бугарите и понизноста кон Србите

Владимир Перев

1.  Дали некој од нас се сеќава на случајот со Спаска Митрова, случај на вештачки и насилно подигнат ѕид на омраза меѓу Македонија и Бугарија, со колатерална штета на едно невино женско дете и смртта на една млада жена. Тоа е случај стар повеќе од петнаесетина години, фактите се целосно познати и веќе подзаборавени, но посеаната омраза од страна на државните и правосудни органи на Македонија, конкретно на судот во Гевгелија, останува како зло семе, посеано меѓу луѓето од двете држави. Да се потсетиме. 

Спаска Митрова е млада жена, член првата вистинска организација на македонските бугари “Радко“ на Владо Панков од Охрид. Таа е од Гевгелија и е внука на егзархиска учителка уште од турско време во градот. Мажена е за човек со српско презиме, човек со “соодветно“ досие пред органите на власта и води бракоразводна парница, заради семејно насилство и други недоразбирања во бракот. Имаат заедничка ќерка, во време на разводот на околу 4 годишна возраст. Судскиот процес се решава во полза на Спаска и таа го добива старателството над детето. Но Ѓаволот не мирува. Се будат страстите, оние најниските, со омраза кон бугарите и “македонскиот ментален долг“ кон србите. Некој решава дека таа не постапува соодветно со старателството, се отвора нова постапка за одземање на детето и давање на старателството на таткото. Во 2009 година, Спаска Митрова е уапсена и одведена во затворот Идризова на издржување тримесечна казна затвор а детето е дадено во социјална установа. Да не говориме за реакциите на МПО од Америка и Канада во поддршка на Спаска, но да наведеме дека македонскиот тогашен партиски лидер на ДПА Арбен Џафери вели дека “случајот со бугарската државјанка, пред судот во Гевгелија и воопшто, се должи на просрпската реакција на бившата југорепублика“…мисли на Р Македонија во тој момент. 

Бугарското министерство за надворешни работи во тие моменти ги презема сите дејствија, но сето тоа во моментот е безрезултантно…нема демократски размисли кога во домот на Спаска во Гевгелија на 22 февруари 2010 година, навлегува група од околу десетина вооружени полицајци со закани дека само ако околу неа видат “ и една кола со бугарска регистрација, или макар еден бугарски новинар, таа ќе доживее трагедија за која не може ни да замисли“. Потоа се водат и други спорови и психијатриски вештачења, но Спаска до крајот останува со своето дете. Трагедијата завршува на 28 јуни 2020 година кога Спаска умира од канцер во семејниот дом во Гевгелија. Со неа е и нејзината ќерка која тогаш е на 14 години и е свидетел на трагедијата на својата мајка и насилстото на системот.  

2.  Деновиве во Кочани, македонскиот правосуден систем со 2% доверие ги прави сите напори, законски но најчесто незаконски, да ја прогласи младата Ива Михаилова за виновна за учество во дело “сообраќајна незгода со смртни последици“. Ива е исто така, како и Спаска, млада македонка “со бугарско државјанство“ и образование и тоа го острастува процесот. Некоректно би било да се посочува некаков судски резултат, но треба да се посочат полициско-политичките игри околу Ива во моментов. Речи си истата ситуација со заплашување сведоци, притисок врз другите учесници и слично…реплика од случајот со Спаска Митрова. Впрочем, тоа се познати и објавени работи. 

Како во оваа земја во овие дваесетина години ништо да не се променило. 

Здравствената ситуација на Ива Михаилова е компликувана. Како последица од сообраќајката, таа има повреди на вратните пршлени. Према наодот на македонските лекари, тоа може да се лечи само во Бугарија или Турција, како најблиски соседи. Македонскиот суд ѝ ги одзел и двата пасоши на Ива и не ѝ дозволува да го напушти Кочани со закани за други потешки последици. Наводно, постоела опасност од бегство. Дури и предлогот на бугарската председателка Илијана Јотова дека е возможно и треба да се дозволи, бугарски лекари да дојдат во Кочани и да извршат прегледи, кочанскиот суд, а ниту македонската влада и претседателката, не ја удостоија со одговор. Дали некој намерно чека, последиците од повредите на Ива Михаилова да станат неизлечиви, за “проблемот да се реши на македонски демократски начин“ слично како со Спаска Митрова. 

3.  Историјата на овие две млади жени говори за трагиката и бездната во која пропаѓаат македонско-бугарските односи, сето тоа во служба на туѓи, конкретно српски интереси. Јасно е дека бугарското Министерство за надворешни работи внимателно ја следи ситуација, но после толкаво насилие врз македонските бугари од страна на оваа власт, треба да бидат преземени и некои конкретни мерки. Авторитаризмот и насилието на владеењето на Груевски и Мицкоски е амблемот на оваа затворена во себе сѝ власт, полна со лични и кариеристички конфликти во самата неа. “Српскиот свет“ толку длабоко и силно навлезен во македонските политички и државни структури, го разјадува македонското ткиво и ствара последици по сите граѓани. Тука не е само погубната ролја на министерот Стоиљковиќ, тука е и молчаливата позиција на МПЦ ОА кога се говори за односите со СПЦ. Релативизирањето на состојбите околу “сопственоста“ и “владеењето“ со имотите на МПЦ ОА и патронството на СПЦ и нејзините челници, отвора дилеми кои црковните и политичките македонски великодостојници не сакаат да ги разрешуваат. 

Македонија не може уште долго да живее со омразата кон бугарскиот свет, невешто прикриена зад слоганите како “свиткана кичма“ и слично, но не може ниту да опстане со понизноста кон Вучиќ и неговиот “српски свет“. 

Европските институции, омаломоштени од актуелната ситуација со војните во Украина и Иран, внимателно ја следат ситуацијата. Тие војни еден ден ќе престанат. Каде ќе оди Мицкоски…тоа ќе биде време во кое ни Вучиќ нема да може да му помогне…ќе треба да си помага себе си. 



Слични Објави