| |

Оние, другите бугари

Пишува: Владимир Перев

Не се сите бугари во Војводина павликијани и католици и не сите дошле и се населиле таму во времето на Марија Терезија. Има и некои други бугари, дојдени по 1945 година и населени во Војводина, претежно во Панчево, Нови Сад и Суботица. Тоа се бугарите од Царибродско и Босилеградско, оние бугари со признат статус и националност, одвоени од матицата Бугарија за времето на Неjскиот договор и се “подарени“ на Србија. Ова се бугари православни, со одлично познавање на бугарскиот јазик, барем минатите генерации, и со одлично знаење на српскиот јазик. Но, времето си го прави своето, по новите генерации, по младите го губат осетот за мајчиниот-бугарски јазик и полека стануваат еднојазични. Функционираат на српски, а меѓусебно се разбираат на бугарски, но со бугарски јазик кој не е на нивото на нивните предци. Се случува нивно тивко претопување во српската јазична и национална маса во Војводина, за конечно да се изгубат врските со родните места на нивните татковци и дедовци.

Со дипломатот Красен Јуруков заминуваме за Панчево. Таму треба да се сретнеме со Данијела Гвозденовиќ, попретседателка на бугарското друштво во Панчево, а ќе ни се придружи неодминливиот и секогаш љубезен Стојан Гуран од Иваново, кој сега живее во Панчево. Денот е студен, малку облачен и пријатен за патување.
Недела е. Во пријтното кафуле, добро затоплено, нема многу гости. Секаде се пуши, рај за острастените пушачи.
Данијела Гвозденовиќ е пријатна млада дама, насмеана и добро расположена. Нејзиното српско презиме е по сопругот. Иначе, нејзините родители се бугари, како таткото, така и мајката…моминското презиме ѝ е Илијев. Како и повеќето бугари од Западните покраини, прво дошол таткото, формирал некаква егзистенција, па потоа го донесол семејството. Приказна на сите бугари од Царибродско и Босилеградско.

Данијела Гвозденовиќ со авторот на текстот

Ние овде сме околу двесте регистирани членови на нашето здружение “Шопско оро“, вели Данијела, регистрирани сме и си плаќаме членарина во друштвото. На сите нас, нашите предци се дојдени по Втората светска војна, како форма на колонизација и тука ја нашле својата егзистенција. Добро функционираме со старите бугари-павликијани и се дружиме. Односите ни се одлични, додава Данијела. Нашето здружение има своја девиза: “Нѐ има многу, ама не се познаваме“!
Друштвото се собира секој четврток, седнуваат на маса, разговараат и се дружат. Непишано правило е друштвото да не се занимава со политика-тоа за мир меѓу нив самите и мир со околината.

Претседател на здружението е Љубинко Марков, но тој од објективни причини и зафатеност не можеше да дојде на средбата. Треба да се напомене дека здружението нема свои официјални простории, се собираат во приватните простории на свој член кој ги отстапил за нивните потреби. Љубинко, во својство на претседател на здружението, во неколку наврати барал да им се доделат простории, како нешто што им следува по закон, како и на сите други национални здруженија во Војводина. Му пишувал дури и на претседателот Вучиќ, ама писмото завршило во Министерството за општествен дијалог и малцински права, каде му се губи трагата. Така, здружението нема никаква државна финансиска помош од Србија. Бугарската држава, по својот стар обичај, не дава никаква помош. Единствено се добиваат некакви средства по проекти, ако воопшто ги има.

Редовно се организира традиционалната манифестација “Шопско вече“, како и одбележувањето на славата на здружението која се чествува на 14 февруари, денот на Св. Трифун.Затоа, здружението ја организира традиционалната манифестација “Шопско вече“, како одбележување на славата на друштвото. За тоа се добиваат средства, малку од градот Цариброд, а нешто и од Националниот совет во Србија. Имаме и фестивал “Шопската салата“ во јуни. Градот Панчево тука помага за да ни даде место и тезги, појаснува Данијела. Имаме и мала програма, се доведуваат играчи од страна. Секој може да дојде. Здружението организира екскурзии во Бугарија, ги носат децата по програмата “Упознај Бугарску“. Тоа е проект на амбасадата во Белград. Воопшто, последниве години добро работиме со амбасадата во Белград вели Данијела, имаме повеќе проекти, имаме добра соработка. Само, средставата се мали, но треба и од двете страни повеќе активности. Проблемот е што младите кои идат по нас, живеат во нова атмосфера и нови определби. Затоа треба да се има поголеми контакти со Бугарија, повеќе излети и средби со луѓето таму, да се запознаат своите корени, ги завршува своите размисли Данијела.

Бугарите од Западните покраини и Царибродско се сосема вклучени во многунационалниот живот на Војводина. Надминати се старите послевоени разлики и непријателства. Имено, сите новодојдени во Војводина по 1945 година, ги заземаат местата а и имотите на прогонетите или емигрирани унгарци и германци, кои не биле во мал број. Старото население составено од срби, чеси, словаци, русини, унгарци и германци кои останале, не ги прифаќа добро во првите моменти и ги ословува со името “доѓоши“, што ќе рече дека се тие оние “кои дошле“. Тој назив во себе си содржел навредлива конотација, која треба да се разбере и како различност во културите на оние “староседлците“ од векови, од оние кои “сега дошле“. Меѓутоа, времето ги порамнало разликите, културите се измешале и сега сите заедно знаат дека треба да се единствени и дека единствено треба да настапуваат кон Белград…знаат дека таму се решава за нивната сегашност и иднина.

Тоа е јасно, но некој од нив тоа треба да го објасни на Софија…средствата се нужни, емпатијата кон своите е неопходна, а интересите на Бугарија треба да се реализираат и преку лостовите на поддршка на своите вон границите на државата. Така работат властите во секоја држава!

Слични Објави