OПОЗИЦИЈА ШТО СЕКОЈ БИ ЈА ПОСАКАЛ

//

Зачудува фактот што ДПМНЕ манипулира со игри, кои мора да ги игра. Мицкоски е некако прв синоним за старата поговорка „еден збор еден алтан“, а пак од друга страна очигледно е соучесник во права смисла на зборот. Многумина ќе кажат ДПМНЕ е единствениот спас од ова „зло“ наречено „Заевизам“, кое секако е една голема лага или неиздржана „вистина“.

Ќе се потрудам да ви објаснам и зошто. Имено Мицкоски беше против Северна, нормално како и цело ДПМНЕ, но никако не се огради од тоа, нели и Силјановкса Давкова самата му даде легитимитет, така што и самата партија го потврди тоа на претседателските избори. Чудно, зарем некој има слаба меморија? Како да забораваат дека не е Латас на Сител па да дообјаснува и да му џвака на народот за „полесно“ да разбере. Користите документи на Северна и ѝ давате легитимитет во потполност, а ако бевте против и бевте некои патриоти одамна ќе бевте на улица и ќе бојкотиравте. На ваков начин ќе го спречевте сето ова за „кое сте против“. Но прашањето е дали сакате воопшто нешто да спречите? Борбата е секогаш за тронот, а не за народот, барем така е 30 години наназад.

Другата фаза на „северните“ ДПМНЕ е со осумте пратеници кои пребегаа и се спасија себеси. Малку чудно како денес некој некого нарекува северџан, а сепак неговата партија е најзаслужна за тој прекар. Но како и секогаш раската во окото на брата си поубаво се гледа, а пак гредата во своето не е интересна. Впрочем најитересен е делот како ДПМНЕ е опозиција, милина за Заев, ем се послушни, ем се бунат, ем се задоволни… Мицкоски бара правда, а не се одрекол ниту од Груевски, ниту од неговите поданици… Бара да се укине Северна а во исто време и дава легитимитет, пак бара избори, но по можност да не ги добие, всушност и албански гласови не сака, но ќе му затребаат, па и тоа силум го бара. Сепак добро е, има надеж, се подготвува мобилизација и во есен протести на големо и на договорени предвремени избори, а дотогаш ќе глумиме Македонци.

Кога сме веќе кај Мицкоски деновиве обелодени дека Катица го уценувала, но тој не попуштил и го истрпил машки притисокот, но чудно како досега не го кажа тоа. Чудно е затоа што ако е тоа точно, зошто не пријавил? Зошто не го обелоденил тој „гест“ на Катица? Да не се лажеме многумина го знаат одговорот и улогата на Мицкоски. Истиот тој докажа дека нема капацитет да се носи со предизвиците, а доколку беше спротивното досега Заев ќе паднеше едно 100 пати! Зарем со нормална опозиција ова би било реалност? Но со ортачка опозиција сѐ е можно, а Богами и дозволено.



Деновиве често сум сведок на напади на некои трети партии, како тоа биле вештачки „комбе“ партии создадени од едните или другите или финансираани од други држави. Но не само тоа и напади на социјалните мрежи кој бил предавник, од која матична партија излегол и каде завршил. На кратко, кога не си на нивна страна стануваш предавник, но ајде да ја играме нивната игра, прво ќе го прескокнам СДСМ, бидејќи нема коментар за власта во заминување, а рака на срце помирна е бидејќи има 32 такви партии, па тешко се дрзнува да критикува. Но нивнава сестринска партија ДПМНЕ е неприкосновена во давање на квалификации од типот на предавници, шпиуни итн. нели тие се патриотите. Пред да давате квалификации, прашајте од каде е дојден Мицкоски?, прашајте од каде ви дојде Силјановска Давкова? Од каде ви дојде Груевски? Стевче? Ѕинго? Латас? Моментално во коалиција со ДПМНЕ се СПМ, Титови леви сили, Српска странка итн. Вие ли ќе давате квалификации кој бил предавник, а кој комуњар, а кој палтеник од странски држави? Размислете подобро на темава! Не бидете заљубени сами во себе, треба народот да ве поддржува. Сам не се добива избори.

П.С. Ако некој е крив за денешниве случувања тоа е народот и тоа е колективна вина на секој Македонец, но не поради тоа што гласал за некого, туку поради пасивноста и стравот да си ги бараат правата во сопствената држава. Што се однесува на поделбата е тоа е одлика на кукавица, бидејќи не може да го прифати сопствениот пораз, полесно е да му се препише на некого. Само обединет народ и трет блок ќе го урне ова зло кое 30 години ја пустоши државата, а тоа е двоецот СДСМ-ДПМНЕ.

Автор: Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ-Охрид



Претходна статија

КАМЧЕВ СИ ГИ БАРА НАЗАД ПАРИТЕ ОД СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“

Следна статија

СПАСОВСКИ: УСЕИНИ СЕ ОДНЕСУВАЛ КРАЈНО НЕОДГОВОРНО И НАСИЛНИЧКИ

Најново од Истакнато