Оправдување на насилството

/

Facebook статус на Никица Корубин

Оправдувањето на насилството лежи на две премиси, и двете креирани свесно и тенденциозно: дека отворањето на културниот клуб “Иван Михајлов” е провокација и дека ликот “Иван Михајлов” е забранета тема, односно најголем непријател на македонскиот идентитет. Двете премиси беа селективно избрани и формирани, во една блиц криг операција на хистерија, омраза и нетрпеливост скриена позади “одбрана на македонскиот идентитет”. Или подобро може да се каже одбрана на еднаш утврдениот наратив, за тоа што е македонски идентитет, кој со сите сили се брани. Нема тука многу грижа за идентитетот како таков, туку грижата е за тие кои го создале наративот и приказната која не смее да се помести ниту милиметар од дозволените рамки: на историјата, на наследството, на државата и на крајот на стекнатите привилегии по различни основи.

Оттаму, жестината и размерот на реакцијата, и тогаш кога беше отворен и тогаш кога беше запален клубот. Тој наратив на “одбрана”, а всушност перфидно, но и отворено ширење и пропагирање омраза која своето плодно тло го најде во децениските предрасуди и заблуди; беше и е ширен на две нивоа: свесно и намерно и несвесно и емоционално. Претпоставувате кој е “нарачателот и креаторот”, првиот или вториот? Но, тоа не ги ослободува од вина ниту вторите. Вина на речиси рамнодушно оправдување на насилството. А, особено не ја оправдува “вината на молкот” на многу “бранители на идентитетот” кои го разгореа огнот на омразата, во светата војна на одбрана на наративот, за тоа што е македонската историја, во познатиот параван “идентитет”, кој очекувано кога така ќе го наречеш, очекуваш никој да не го оспори. Освен “предавниците”. Кои нормално тоа стануваат по мерка, воља и критериуми на нашите современи цензори, кои го преиспитуваат и казнуваат секое поинакво мислење, од “светата вистина”.

Но, она што загрижува, покрај неможноста да се избегне оваа, не толку вешто, колку брутално поставена замка од сите позиции на медиумска, политичка и институционална моќ; на обврска да се брани нашиот “загрозен идентитет”; колку лежерноста со која се прифати овој, во основа, примитивен чин, со лажен ореол на храброст. Воден од горните две премиси, односно воден од внимателно градените заблуди и процеси. И во тој галиматијас на реакции, се измеша се’: од афект, до нерационалност, емоционалност, но и совршено пресметани и пресметливи обиди за ескалација на насилството. Дури имаше и смешни, но и опасни обиди за деградирање и обесмислување на законите, што во суштина е поредокот на една држава. А, перверзните споредби со големи трагедии кои се случија во изминатите неколку месеци, само го открија степенот на темелот на проблемот над проблемите: децениското “анти” кои од други се градеше во македонското општество, во случајов тоа е антибугарство, но во многу прилики тоа е и антиалбанство.

Кога ќе заврши оваа хистерија, со надграден говор на омраза, и со легитимирано насилство, дали некој некогаш ќе се сети, дека оправданато насилство е негирање на законот и поредокот? Дека тоа е почеток на анархија? Без систем и заштита. А, кој би посакал анархија на прагот на почетокот на преговорите со ЕУ? Или тоа е проблемот над проблемите? А, таман го зацврстивме новиот омилен наратив, “ЕУ перспективата е готова”. Кога се јави Макрон … е тука е малку потешко. Тој нарачан наратив “анти ЕУ” уште не сме го усовршиле. Барем за сега. А, време се’ помалку. За уште една шанса на апсолутна автодеструктивност.





Претходна статија

Да се ситиш на палење на здружение во 21 век

Следна статија

По палењето во Битола, дали да очекуваме линчување на Бугарите на улица?

Најново од Ваш став

Туѓа влада

Facebook статус на Никола Димитров Новата опаковка на предлогот е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој