ОПШТЕСТВО НА ИЗВИТОПЕРЕНИ ВРЕДНОСТИ
Кога бевме мали знаевме што значи другарство. Растевме без предрасуди, растевме без омаловажување, растевме полни со позитивна енергија, растевме полни со живот, растевме за да се дружиме! Не гледавме кој колку има или кој како се носи, го ценевме тоа што го имавме, бевме горди на нашите родители за сè што ни пружиле. Просто кажано бевме среќни деца со среќно детство. Кога одевме на училиште, со душа чекавме ѕвончето да го означи последниот час, ги броевме сите минутки за да можеме да играме, да се дружиме, улицата беше нашиот втор дом. На улица израснавме, со текот на времето таа не научи на многу работи за животот, пред се да се снајдеш и кога нема излез…
Не поминуваше ден без „крадци-полицајци“, „жмурка“, „џамлии“ ( да не заборавиме на таа позната ШЛАЈКА ) и она нашето омилено „граница“…Зимно време со душа чекавме да заврне снег, седејќи пред радијатор се молевме на Господ, снег да падне, за да почнеме со правење лизгалици, полнење на вреќи со партали и сено. Единствениот член на фамилијата кој што можеше а и секогаш знаеше да не најде каде сме, беа нашите баби…
Но за жал, денес кога и да излезам на улица го нема оној крик на дечињата кој што плени со позитива, ја нема таа хармонија, таа прекрасна убавина во која израснавме ние… Секогаш велам и мислам дека некогаш ќе се промени ова, но за жал сè е полошо и полошо. Се прашувам кој и зошто е крив? Дали е до родителите, дали е до новиот начин на живот, кој што ни го „наметнува“ денешното време?! Изумре таа убавина, почнавме да живееме затворен живот. Со другари од детството почнавме да се гледаме само на свадби и слави… И кога таму ќе се сретнеме некако темата секогаш е истата. ДПМНЕ, СДСМ… Кој колку украл, кој што направил… Па тогаш ред за ред се стигнува до жешкото. Некој брани, некој колне… Политиката измеша прсти апсолутно во сè, не подели на десничари и левичари… Политиката не доведе до степен да не комуницираме едни со други.
Си одат така дечиња по улица и слушам: „Доста бе ти комуњар, името го продадовте!“ Ми ја разбирате ли сега поентата?! Детските мозочиња се затруени! Затруени со Грујо, Зајко, Мицко, ДПМНЕ,СДСМ… Знаете ли кој е крив за тоа?! Сите ние сме одговорни! Сите ние што не успеавме да ја зачуваме смислата на детскиот крик. Сите ние што само зборуваме кој колку не ни чини, кој повеќе не зафркнал од претходниот. Сите ние кои зборуваме, а ништо не презедовме за да поправиме нешто. А резултатот е ова за жал. Нашите поколенија ништо нема да знаат повеќе од ова. Требаше да ги заштитиме. Требаше ние да се заштитиме. НИЕ сме ВИНОВНИ. И легално и низ муабет им дадовме легитимитет на оние што нечесно не изиграа! И старо и младо!
Време е за промени драги мои. Време е да престанеме да мислиме дека е добар другиот зошто помалку не украл. Време е да престанеме да мислиме дека е подобар оној кој ни ја вработил нашата сестра, иако не завршила школо. Време е да им го вратиме детството на децата. Ние згрешивме на самите себе. Ајде да не им грешиме на малите. Ајде да престанеме САМО да зборуваме. Мерки да преземеме за да промениме нешто. Првата нека биде- да ги тргнеме валканите раце на политиката од нашите најмали и најмили. Така дел по дел, може ќе се разбуди во нас повторно чувството за што е правилно а што не е. НЕ ПРАВЕТЕ МУАБЕТ ПО ДОМА ПРЕД ДЕЦАТА ЗА ПОЛИТИКА! ИЗЛЕЗЕТЕ НАДВОР И ПОКАЖЕТЕ ИМ КАКО СЕ ИГРА ЛАСТИК, ЖМУРКА, ГРАНИЦА… Зборувајте им за тоа што е патриотизам и никако не го мешајте тоа со партии ниту пак политичари. Децата се нашата иднина! Ајде да престанеме со погрешните насоки. Сепак свадбите се за оро, славите се за песна а домот е за најпрекрасната бајка направена од самите нас.
Автор: Димитар Попандонов
