МВР ТВРДИ ДЕКА НЕ ГО СЛЕДИ МИЦКОСКИ И НЕ ПОДГОТВУВА НЕГОВО АПСЕЊЕ
Министерството за внатрешни работи демантира дека полициски службеници го следат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од политички мотиви и подготвуваат негово апсење.
„Злоупотребата на МВР беше карактеристика токму на партијата чијшто претседател е Мицковски и токму поради тоа во изминатите две години во Министерството за внатрешни работи се спроведоа и во тек се реформи кои имаа за цел искоренување на незаконитите дејства. МВР својата работа ја фокусира исклучиво кон сузбивање на сите облици на криминал, користејќи ги законските можности што му стојат на располагање. Ја информираме јавноста и дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на негово барање, од минатата година му е доделено обезбедување од припадници на МВР”, се вели во соопштението на полицијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиско гостување рече дека очекува следно сценарио, како што рече, да биде неговото апсење. Говорејќи за последната полициска акција во која беа уаспени десетина лица, меѓу кои и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека веќе има план во случај на негово апсење.