| |

Општина Илинден се стекна со сертификат за поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (BFC SEE)

Општина Илинден е прогласена за општина со поволно бизнис опкружување од Република Македонија во рамки на регионалната конференција за промоција на поволно бизнис опкружување во Југоисточна Европа „Партнерство за конкурентен регион“ што се одржа во Белград, Република Србија.

На конференцијата, пред високи владини претставници на земјите од Југоисточна Европа, претставници на Европската унија и претставници на меѓународни финансиски институции сертификатот за поволно бизнис опкружување на градоначалникот Жика Стојановски му го врачи министерот за локална самоуправа на Република Македонија.

Business Friendly Certification South East Europe (BFC SEE) претставува единствена програма за подобрување на квалитетот на услугите и информациите кои општините од регионот на Југоисточна Европа им го нудат на компаниите, во рамките на која сертификати се доделуваат на општини од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина.

Овој сертификат претставува потврда за инвеститорите и за стопанствениците дека општините нудат ефикасна и ефективна услуга, односно целосна, навремена, комплетна информација и поддршка за разработување на нивните потреби за вложување, како и поддршка при натамошното развивање на нивниот бизнис.

Општина Илинден, благодарејќи на создавањето на услови за привлекување на нови и поддршка на постојните инвеститори придонесе за влез на 180 компании од кои 33 се странски директни инвестиции во деветте локални економски зони, го доби ова признание за исполнуваање на стандарди, односно нудење на сигурност на потенцијалните инвеститори во добивањето услуги и информации за работите и дејностите во надлежност на локалните власти.

.Програмата за сертификација претставува единствена иницијатива во регионот на Југоисточна Европа, која влијае на креирање на побрза и поефикасна администрација, која треба да ги отстрани пречките за забрзаниот развој на стопанството, да овозможи подобри резултати во привлекувањето на домашни и на странски инвестиции и воведување на нови технологии, креирање на нови работни места и модернизација на општеството.

За инвеститорите кои сакаат да се преселат или, да го прошират својот бизнис во земјите на Југоисточ­на Европа, BFC SEE служи како стандардизиран механизам за проценка на локалните услови за работење и покажува кои општини во регионот имаат најповолна клима за инвестирање. Затоа, целиот процес на сертифицирање е наменет пред се за општините кои имаат соодветен капацитет и стратегиски се определиле да ја подобрат деловната клима, да привлечат инвестиции и да го стимулираат локалниот економски развој, меѓу кои значајно место зазема и општина Илинден.

За време на престојот во Белград, градоначалникот Жика Стојановски се сретна со премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, како и со повеќемина министри и амбасадори на земји од Југоисточна Европа.



Слични Објави