ОПШТИНА ОХРИД СО МОЛК ЈА БРАНИ ДИРЕКТОРКАТА НА ЈП „БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ“ ГОРДАНА ЈОВАНОСКА
Пред 8 дена (19.08.2019 г) преку e-mail испративме барање за изјава до Општина Охрид, со цел да го дознаеме официјалниот став на локалната власт во врска со случајот „Пријателско советување“ во кој е инволвирана директорката на ЈП „Билјанини извори“, Гордана Јованоска. Имено г-ѓа Јованоска преку пораки на социјалната мрежа facebook пријателски го посоветувала веќе поранешниот вработен во претпријатието Борче Мурџоски, дека неговата жена сѐ уште не излегла на гласање за време на локалните и претседателските избори во Охрид. Симптоматично во случајот е фактот дека, по краток временски период вработениот чија жена не излегла на гласање е избркан од работа.
Нашиот портал ги објави принт-скриновите од таа „пријателска комуникација“ и ги побара инволвираните страни да го кажат својот став во однос на случајот.
Со нас контактираше само г-нот Мурџоски, директорката не најде време или желба да обрне внимание на нашето барање.
Истото се случува и со надлежните за односи со јавност во општина Охрид. Од таму со молчење веќе 8-ми ден ја бранат директорката Јованоска.
Почитувани,
Да, „Трибуна“ не е голем портал, имаме уште многу работа за да се наложиме на медиумската сцена, но можевте барем да ни вратите некаков одговор. Со вашето игнорирање на овој проблем само покажувате дека не сте нешто поразлични од вашите претходници од другата партија.
Која е причината така упорно да ја браните директорката? Колку такви гласови како оној на жената на г-нот Мурџоски се обидела да ви донесе или пак ви донела? Ако Мурџоски бил проблематичен работник, како што кажува во една изјава за локален сајт г-ѓа Јованоска, зошто истиот не бил избркан пред изборите? Дали „советувањето“ луѓе да гласаат за точно определена политичка партија не се нарекува политички притисок, посебно во случајот кога таа што „советува“ е шефица на тој што е „советуван“? Дали вие со вашиот молк, не станувате адвокати на човек кој ја злоупотребува својата функција?
Силно се надеваме дека ќе се најде јунак кој ќе врати одговор на нашето барање за изјава. Ако тоа не се случи, за нас нема да има никаква разлика меѓу Гордана Јанкулоска „која влечеше за уши човечиња на гласање“ и Гордана Јованоска која „пријателски советува“ едно човече, фамилијарно да гласа за партијата, која е на власт во моментот.