| |

ОСМАНИ: БУГАРИЈА ГО ИСКРИСТАЛИЗИРА СТАВОТ ДЕКА НЕ ГИ СПОРИ ИДЕНТИТЕТСКИТЕ АТРИБУТИ

Последиците од блокадата за старт на преговорите на земјава со ЕУ, нивното влијание врз ентузијазмот кај населението за евроинтеграциите, како и одлагањето на стартот на процесот на вакцинација, беа темите за кои шефот на македонската дипломатија Бујар Османи се осврна во разговор за МИА од Брисел, по средбите со неговите домаќини при денешната посета на Белгија и вчерашната на Луксембург.

Османи оцени дека постои „разочарување на Македонија и нејзините граѓани” по блокадата на Бугарија во декември за преговарачката рамка, која требаше да го означи конечно формалниот старт на преговорите за членство во ЕУ.

Минатиот декември, инсистирањето на Бугарија не само да не се усвои рамката со Македонија, туку и да се вметне реченица која се однесува на „погрешното толкување на историјата” предизвика реакции на дел од земјите членки на ЕУ, при што најгласни беа Словачка и Чешка.

Османи смета дека овој неуспех на ЕУ има „опасни последици” за целиот регион на Западниот Балкан.

– Последиците се во влегување на регионот во голема непредвидливост во однос на ЕУ перспективата. Знаете дека не успеа ни преговарачката рамка за Македонија, но ни заклучоците за целиот регион, така што целиот регион влегува во непредвидливост, а во овие околности непредвидливоста е поопасна од негативен исход од некои процеси, затоа што тешко се подготвувате и се браните од непредвидлив период. Ние инсистираме на предвидливост, вели шефот на македонската дипломатија за МИА.

Бугарската блокада, која делумно се гледа и како последица на предизборната атмосфера кај нашиот источен сосед, се однесува на повеќе прашања, од кои и чувствителни историски и идентитетски. Според министерот за надворешни работи, сепак, полека се „кристализира” бугарската позиција и станува појасно дека Софија „не ги спорат идентитетските атрибути”.

– Нашите црвени линии во однос на идентитетските карактеристики како јазикот, народот, етничката припадност се јасни и бескомпромисни и драго ми е што Бугарија го искристализира својот став дека не ги спорат идентитетските атрибути. За да пристапите кон проблем треба добро да го дефинирате, постојат различни перцепции и кај нас и во Бугарија, и во ЕУ. Ние не разговараме за идентитетските атрибути, прашањето што го покрена Бугарија се историската основа на тие атрибути. Наш став е дека за историја може да разговараме во фунцкија на образованието и во коригирање стереотипи кои ги прикажуваат нашите народи како непријателски, изјави Османи за МИА.

Конкретно, како што нагласи шефот на дипломатијата, тоа значи дека Македонија е посветена кон имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Според него, тука треба да се работи на учебниците и „карактеризации од минатото” кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како на пример употребата на епитетот „фашистички”.

– Мислам дека нема потреба да се квалификуваат народите врз основа на политичката ориентација на елитите од минатото, ниту сметам дека Германците или Италијанците или Бугарите се фашисти. Конкретната политичка ориентација на една елита од минатото не може да ни ги зароби односите со соседите и ако тоа е навредливо за Бугарија, нема да прифатам нешто што е навредливо за соседите, дури и ако сум во право. Тоа е најнормално помеѓу два соседи, изјави Османи.

Шефот на дипломатијата нагласи дека на овие прашања треба секојдневно да се работи, но дека поради потреба да се разговара рационално и без емоции, најверојатно атмосферата ќе биде попозитивна по изборите во Бугарија.

Околу барањето на Бугарија да се вметне посебно поглавје во рамката за преговорите со земјава посветено на историските прашања, Османи вели дека тоа е нешто што ниту самата ЕУ не го прифаќа.

– Мислам дека таа дебатата не е меѓу нас и Бугарија, туку меѓу Бугарија и ЕУ, 26 земји членки сметаат дека историјата не може да биде критеирум и ЕУ да биде арбитер за тие прашања и не смее да има девијација од тие основни принципи на преговарачкиот процес, вели министерот Османи за МИА.

Според него, Македонија е „растоварена од таа дебата”, која е во ЕУ и треба да покаже дали Унијата ќе го одржи процесот на преговори или ќе има тотална девијација.

– На Македонија и на Бугарија сега е да ја вратат довербата и комуникацијата за да можат да разговараат за чувствителните прашања и да ја сменат перцепцијата, додаде Османи.

Според Османи, тоа што годишниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација за земјава, кој требаше да се одржи на крајот на овој месец, е откажан, додека оној за Албанија останува закажан како што беше планирано на 1 март, не треба да се интерпретира како притисок врз Македонија.

– Мислам дека е многу важно да имаме конкретен процес на преговори и да има повеќе содржина во наредниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Одржувањето на Советот заради почитување на формата, но без супстанца, без прогрес, не е во наш интерес, смета министерот.

Според Османи, Македонија не отстапува од ставот дека земјата не смее да биде одвоена од Албанија во преговарачкиот процес, со оглед на тоа дека самата ЕУ констатираше оти и двете земји се подготвени за старт на преговорите.

– Ја посетив Тирана и со министерката бевме едногласни дека треба да продолжиме во овој процес заеднички, затоа што двете земји ги исполнуваат критериуми и има одлука за почеток на преговорите, порача шефот на дипломатијата.

Османи се осврна и на прашањето со доставата на вакцини од ЕУ за Западниот Балкан, нагласувајќи дека доверба од страна на Владата во Унијата околу вакцините била заснована на конкретни докази.

– Владата покажа доверба кон механизмите на ЕУ и стана дел од овие механизми и очекуваше да биде успешно и тоа не беше без основа. Претходно имаше успешна испорака на медицинска помош и заеднички набавки. ЕУ беше со нас цел период на пандемијата и создаде доверба дека овој процес ќе биде функционален. Ние сме колатерална штета на тој колективен систем на набавка, како што се и Италија и Хрватска, не гледам зошто ние би се разликувале, истакна Османи.

Тој, сепак, признава дека критиките кон стратешката комуникација на ЕУ во овој дел се оправдани.

– Можеше во стратешката комуникација ЕУ да се постапи подобро, за да не се случи геополитичката компетиција што ја гледаме сега и завршува со вакцинирање со кинески вакцини, вели министерот.

Според него, бугарската блокада и застојот со вакцините за само два месеци претставуваат „лоша коинциденција на две негативни пораки за регионот”, што се одразува врз анкетите на јавно мислење за ентузијазмот кон ЕУ.

– Свесни сме дека може да се случат вакви непредвидени потфрлања во кризна состојба, не зависи од вас туку од компаниите и мора да ги разбереме. Мислам дека не може да зборувамеме против ЕУ затоа што има проблем во момент на криза, тоа не е партнерство, смета министерот, додавајќи дека исто така очекува од ЕУ да покаже разбирање кога Македонија бара да се надомести јазот во механизмите за кои земјата веќе платила.

Слични Објави