ОСМАНИ И ДИМИТРОВ НЕМА ДА ОДАТ ВО ИЗОЛАЦИЈА И ПОКРАЈ КОНТАКТОТ СО ПОЗИТИВНИОТ НА КОВИД БУГАРСКИ МИНИСТЕР
Комисијата за заразни болести заклучила дека Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи нема да одат во изолација по извршената епидемиолошка проценка на ризик, соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и од Министерството за надворешни работи (МНР).
„Веднаш по добивањето на информацијата дека постои можност дел од бугарската делегација, која беше присутна на состанокот во Берлин, да е позитивна на COVID 19, СЕП се обрати до Комисијата за заразни болести, каде се изврши епидемиолошка проценка на ризик. Имајќи предвид дека сите мерки биле почитувани од страна на македонската делегација, односно сите претставници носеле маски и одржувале значителна дистанца, заклучокот од комисијата е дека нема ризичен контакт и дека нема да се издаде решение за изолација за ниту еден член на македонската делегација. Сепак, со оглед на тоа дека ЗПВРСМ Димитров во наредниот период ќе продолжи со интензивни активности и меѓународни контакти, ќе се изврши редовно превентивно тестирање на Димитров согласно проактивната политика за тестирање на СЕП“, велат од СЕП.
Порано денеска бугарското МНР денеска соопшти дека вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева е во самоизлација, бидејќи заменик министерот Петко Дојков бил позитивен на брз тест за ковид-19 на состанокот во Берлин во понеделникот на кој присуствуваа и вицепремиерот Никола Димитров и шефот на македонската дипломатијата, Бујар Османи заедно со претставници на Германија.

