Османи со остри критики: „Меџити да поднесе оставка – го загрозува здравјето на граѓаните“
Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска жестоко го критикуваше актуелниот министер за животна средина, Изет Меџити, обвинувајќи го дека ги користи државните ресурси за сопствена кампања и со неактивноста го загрозува здравјето на граѓаните.
„Двапати размислував дали денес треба политички да зборувам. Но не можам да не кажам: најпрво, сметам дека тој требаше да поднесе оставка уште истиот ден кога се кандидираше, за да биде натпреварот еднаков“, изјави Османи.
Тој нагласи дека Меџити останал министер со „полн капацитет и буџет на располагање“, што, според него, е „длабоко неморално и нефер“. „Се кандидира со платата на министер и прави кампања во Чаир со ресурсите на министерството“, предупреди Османи.
Кандидатот оцени дека ситуацијата во Трубарево, кога Скопје беше обвиено со токсичен чад од горење на пластика и кабли, покажала неспособност за справување со еколошка криза. „Со тоа што не ја врши работата за која е платен од граѓаните, и обидувајќи се политички да преживее, тој го загрозува здравјето на луѓето и тоа не само привремено, туку со долгорочни последици,“ додаде Османи.
Според него, Министерството за животна средина не дало инструкции и информации, ниту пак министерот се појавил пред јавноста додека граѓаните на Трубарево се евакуираа.
„Затоа ова е и повик за неговата оставка. Тој покажа дека не ја врши својата работа како што треба, го загрозува здравјето на луѓето, а притоа ги злоупотребил државните ресурси за изборна кампања,“ заклучи Османи.

