|

Османи во посета на кампот Адази во Лeтонија, на средба со војниците од Северна Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на работната посета на Република Летонија, го посети кампот Адази, каде во рамки на Мултинационалната борбена група на НАТО, под команда на канадскиот потполковник Филип Сауве, а како дел од словенечкиот контингент, учествуваат девет војници од Армијата на Северна Македонија од родот АБХО.

При посетата на кампот, како што соопшти МНР, Османи се сретна со командантот на НАТО борбената група, Игорс Харлапенковс и оствари кратка средба со нашите војници.

Министерот Османи посебно ја нагласи важноста на одлуките кои произлегуваат од Самитот на НАТО во Мадрид, за зајакнување на одбранбената поставеност на НАТО со цел зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на земјите членки на НАТО.

– Учеството во мултинационалните борбени групи, односно зајакнатото истурено воено присуство во Латвија, говори за нашата посветеност кон безбедноста и стабилноста на целата евроатлантска област, вклучително и во источниот дел на Алијансата, во време кога е тоа најпотребно, рече Османи, додавајќи дека истовремено, Република Северна Македонија на дело покажа дека е цврсто определена, заедно со сојузниците за обезбедување на помош и поддршка на Украина, на билатерална основа и преку механизмите за помош кои ги користи НАТО.

Припадници од Армијата на Република Северна Македонија од јуни годинава се дел од зајакнатото истурено присуство во Летонија (Enhanced Forward Presence- ЕFP) во рамки на словенечкиот контингент каде рамковна нација е Канада, информираат од МНР.



Слични Објави