| |

Османи: Време е за помирување на народите на Балканот

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Република Србија се сретна со министерката за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ.

На средбата беше дискутиран напредокот на односите меѓу двете земји, како и предизвиците со кои двете земји се соочуваат при приближувањето кон Европската Унија.

„Ни претстои исклучително важен, може да се рече историски период од аспект на европските интеграции на двете земји. За безмалку две недели во Брисел ќе излезе Стратегијата за проширување на Европската комисија, каде се надеваме на првите сигнали во насока на европскиот оптимизам од страна на Брисел за процесот на проширување. Во наредните месеци ги очекуваме и извештаите за напредокот на земјите од страна на Европската комисија, по што, во мај следува Самитот за проширување на Европската Унија во Софија“, истакна Османи.

На средбата беше потенциран новиот момент за земјите од Западен Балкан, кој беше оценет како историска шанса за помирување на народите на Балканот и затворање на сите отворени прашања, а во интерес на севкупната интеграција на Балканот во современите цивилизациските текови на Европа. Во Србија, Османи покрај средбата со министерката Јоксимовиќ, во рамките на посетата на Белград, се сретна и со претседателот на Одборот за европски прашања во Парламентот, Ненад Чанак, како и со координаторот на Националниот конвент за ЕУ на Република Србија, Наташа Драгојловиќ.

По посетата на Белград, Османи ќе ја посети и Софија.



Слични Објави