ОСУМ МРТВИ И МНОГУ ПОВРЕДЕНИ ВО ОРУЖЕН НАПАД ВО ИНДИЈАНАПОЛИС
Осум лица загинаа, а повеќемина се повредени, во пукање што се случи во објект на Федекс во американски Индијанаполис, соопшти полицијата. Портпаролката на полицискиот оддел во Индијанаполис, Џена Кук, на прес-конференција рано во петокот изјави дека осум лица се убиени во објектот на Федекс, во близина на меѓународниот аеродром во Индијанаполис.
“Лицето за кое претпоставуваме дека е напаѓачот е мртво. Пронајдовме осум мртви лица со прострелни рани. Едно лице е критично, четири се итно пренесени во блиските болници, а неколку лица имаат повреди на разни начини”, рече Кук.
Голем број луѓе се повредени и се наоѓаат во болница. Семејствата на жртвите се собираат во блискиот хотел. Можеби има повеќе жртви, но полицијата не сака да го потврди ова пред да контактира со семејствата на починатиот.
Идентитетот на напаѓачот сè уште не е потврден и не е познато дали тој бил вработен во Федекс. Не се познати детали, ниту причината за нападот.