ОТЕЦ ПАРТЕНИЈ: СЕКОЕ ЗЛО ЗА ДОБРО Е, ВРЕМЕ Е ДА СЕ ПРОНАЈДЕМЕ СЕБЕСИ

//

Преку несреќите и искушенијата што ни се случуваат во животот духовно се зацврстуваме и се просветлува нашиот внатрешен вид. Преку молитва, покајание и смирение, и ова искушение може да се претвори во општо добро. Нашиот народ честопати повторува една преубава изрека: „Секое зло за добро“. Ова не се само празни зборови за некому да му се даде некаква плитка утеха. Напротив, оваа фраза крие во себе длабока теологија. Сѐ станува според Божјо допуштение. Во секое искушение што нè снаоѓа, треба да ја пронаоѓаме Божјата семилостива промисла за нас и да го исползуваме тоа испитание за сечие добро.

Ова го порачува архимандрит Партениј, игуман на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ во интервју за „Битолски весник“, осврнувајќи се на актуелната пандемија на Ковид-19 со која се соочува човештвото и влијанието врз духовниот живот на луѓето, особено во пресрет на големиот христијански празник Велигден.

„Денес несомнено, човештвото ја покажува својата крајна немоќ; гордиот и супериорен ‘над-човек’, самозамислениот ‘господар на светот’, сега, во 21 век, во екот на најголемата технолошка експанзија, го гледаме стуткан од страв, испаничен и немоќен. Се плаши и се крие од еден непријател, толку „голем“ што не е дури ни видлив за човечкото око. Гледате каква иронија?! И трагичното не е тоа што сега нè камшикува некоја казна Божја – не, туку нè камшикуваат плодовите на нашите сопствени дела. А зошто е тоа така? Затоа што мнозинството луѓе се оддалечија од својот Отец и Творец. И сега ги жнееме плодовите на тоа оддалечување. Се оддалечивме од Бога, а со тоа се оддалечивме и од самите себе и од нашите ближни. Станавме идоли самите на себе. Ја изгубивме страхопочитта кон Бога, а со тоа и почитта меѓу себе. Човештвото се беше впуштило во една безумна трка за материјални богатства, слава, моќ, суета…,“ вели отец Партениј.





Претходна статија

ЕК ЌЕ ПРЕДЛОЖИ КАКО ДА СЕ УКИНУВААТ РЕСТРИКТИВНИТЕ МЕРКИ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ

Следна статија

ДОБРА ВЕСТ ОД ГОСТИВАР: НЕМА НОВИ СЛУЧАИ НА КОВИД-19

Најново од Вести