|

Отказ за анестезиологот од Тетово кој снимаше пациенти и колеги за на „Тик-Ток“

Отпуштен од работа е тетовскиот анестезиолог кој се вклучил во живо од болницата во Тетово на „Тик-ток“ шетајќи низ болничките ходници, снимајќи колеги и пациенти.

За ова информираше денес министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тој изрази големо жалење што еден здравствен работник вака се однесувал и рече дека ќе направат се’ за во иднина да не ни се случи вакво нешто.

По пријава од директорот на болницата, Плумб Вела, дваесет минути пред полноќ полицијата го привела 43-годишниот доктор.

И Вела го осуди непрофесионалното однесување на медициското лице, а осуда стигна и од лекарската комора.

„Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки“, велат од Лекарската комора.

Со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба.



Слични Објави