„Отворен Балкан“, затворени очи: Како шверцот на дрога меѓу Белград и Скопје се одвива без никакви проблеми
Никола Павловиќ/Радар/БГНЕС
Како службите за безбедност на Северна Македонија не го забележале производството на речиси 50 тони марихуана и како српските не го детектирале увозот на пет тони канабис?
Остануваат прашањата кој го свртел погледот, кој молчел и, најважно, кој дал конечна согласност.
Балканот е отворен, но заедно со него и се отворени и рутите за шверц на дрога. Според неофицијални информации од Северна Македонија, операцијата по заплена на марихуаната продолжува. Засега вкупната количина достигнува речиси 50 тони, откако по првичните 27 тони од фабриката „MedPlant“ во струмичкото Ново Село беа конфискувани уште 21 тон.
При една од акциите биле пронајдени и повеќе од 1300 шишиња масло од канабис.
Премиерот на Северна Македонија изјави дека не му е познато опојните супстанции во Коњух да потекнуваат од неговата земја, додавајќи дека во таков случај домашните медиуми очигледно имаат поголема доверба во српските отколку во сопствените служби за безбедност.
„Нема да се изненадам ако на крајот стигнеме и до 100 тони, а на следната седница на Владата ќе донесеме одлука да бидат проверени сите компании што произведуваат канабис за медицински цели“, рече тој.
Владејачката партија ВМРО–ДПМНЕ тврди дека фабриката во Струмица, каде што спорното растение било одгледувано нелегално и подготвувано за пуштање на пазарот, е блиска до поранешниот македонски премиер и лидер на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, во чиј мандат беше легализирана медицинската марихуана.
Опозициските социјалдемократи потсетуваат дека без учество на државни структури тие пет тони не би стигнале до Србија. Во центарот на истрагата, сепак, останува трговската компанија „AlfaFarm“ од Скопје, сопственост на четворица лица од Крушевац. Фирмата е регистрирана во 2023 година во Северна Македонија со дејност за одгледување растенија за фармацевтски цели, а дозвола за работа со канабис за медицинска употреба добила една година подоцна. Сега постојат сомнежи дека било произведено количество, што го надминува дозволеното.
Телевизија „Телма“ објави дека начинот на кој марихуаната била произведена, складирана и чувана воопшто не одговара на медицинска намена, туку исклучиво на улична продажба или шверц.
Додека осомничените во Србија, заедно со семејството Спасоевиќ, се бранат со молк, во јавноста не стивнуваат прашањата кои се сите тие „земјаци“. За изданието „Радар“ од полицијата во Крушевац наведуваат дека за операцијата дознале дури откако Службата за борба против наркотиците, по наредба на Обвинителството за организиран криминал и во соработка со Европол, веќе ја спровела. Раководителите на локалните служби потоа биле официјално разрешени.
Извори од крушевачката опозиција тврдат дека немало информации ниту за Александар Мијaјловиќ, посочен како организатор на криминалната група, ниту за сосопствениците на „AlfaFarm“ во Северна Македонија. Меѓу нив е Иван Драганиќ, за кого се смета дека го организирал транспортот на дрогата кон Србија и кој е уапсен по наредба на обвинителството.
Во локалната структура на коалицијата „Србија против насилството“ развиваат теза поврзана со изборите во зима 2023 година. Бројките будат сомнеж: од 113.000 жители на Крушевац, од кои 94.000 полнолетни, регистрирани избирачи се 104.000. Од каде доаѓаат дополнителните 10.000 и како на повеќе адреси, вклучително и на адресата на носителот на листата Братислав Андриќ, биле пријавени лица кои не живеат таму и никој не ги познава? Се поставува и прашањето дали споменатите сосопственици и Мијaјловиќ воопшто се од Крушевац.
Раководителот на Обвинителството за организиран криминал, Младен Ненадиќ, одговарајќи на прашања на студенти на трибина на Правниот факултет во Белград, дискретно ја поврза оваа акција со случајот „Јованица“, нагласувајќи дека петте тони не се произведени во Србија и дека станува збор за меѓународен канал.
„Независно од законските измени, ние воспоставивме контакт со колеги во странство, бидејќи законот сè уште не е стапен во сила. Се знае од каде потекнува дрогата и кој има фирма во таа држава. Постоји и предмет од 2019 година, силно медиумски експониран – ‘Јованица’, каде исто така се спомнува истата држава и марихуана. Кога ќе ги поврзете одделните факти, не се знае што може да произлезе“, изјави Ненадиќ.
Тој дополнително нагласи дека финансиските текови денес оставаат траги и не можат да бидат избришани – околност што се однесува и на овој, како и на сите други случаи на обвинителството.
Во меѓувреме, граѓани и опозицијата укажуваат на засилената активност на аеродромот Росуле во Крушевац, отворен пред неколку години за мали комерцијални летови. Стефан Бојичиќ, раководител на општинската група „Србија против насилството“, посочува дека и изградбата и зголемената употреба на аеродромот се индикативни, со оглед на тоа што аеродромот во Ниш е оддалечен еден час и може да прима и мали и големи авиони.
Според официјални податоци на српскиот Институт „Батут“, канабис користат 118.556 лица, односно 1,8% од населението. Со просечни 0,4 грама за една цигара, од петте тони откриени во Коњух можат да се изработат 12,5 милиони цигари – количина што би ги покрила потребите на Србија за 105 дена. Во Северна Македонија во последната година марихуана користеле 6,6% од населението – 119.338 лица. Од првично запленетите 27 тони можат да се изработат 67,5 милиони цигари, доволни за 18 месеци потрошувачка во Србија.
Количините јасно укажуваат дека стоката била подготвувана за поширок пазар, што го потврдува и акцијата во Коњух. За производство на 27 тони потребни се околу 270.000 растенија на површина од 9,4 хектари – повеќе од 13 фудбалски игралишта покриени со оранжерии, исполнети со хибриден канабис. Како тоа останало незабележано од службите за безбедност во Северна Македонија? Дваесет и седум тони значат 5.400 пакети – повеќе од седум целосно натоварени камиони-шлепери. Како ваков увоз не бил детектиран од соседните служби? Механизмот за пренос на толкаво количество дрога преку границите сè уште не е целосно разјаснет.
Прашањата остануваат: кој го свртел погледот, кој молчел и кој дал конечна согласност.
