| |

ОТВОРEНА СПОМЕН-СОБА ЗА ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Почитуван претседател на Влада на Република Македонија, господин Зоран Заев,
Почитувана госпоѓа Донка Глигорова, ќерка на претседателот Глигоров,
Почитуван и министри и заменици-министри во Влада на Република Македонија,
Почитуван претседател на Совет на Општина Штип, господин Јане Миланов,
Почитувани советници,
Почитувани присутни,

Денеска е голем ден за Штип. Денеска Штип и штипјани му ја оддаваат должната почит на својот сограѓанин и татко на нацијата, првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.
На самиот почеток од оваа свеченост, би сакал да упатам огромна благодарност кон ќерката на претседателот Глигоров, госпоѓа Донка Глигорова, којашто беше великодушна и ги сподели неговите лични предмети со нас. Ние се обврзуваме да се грижиме за нив и на тој начин да го зачуваме споменот за нашиот претседател Глигоров.

Денеска е празник на градот, затоа што со отворањето на оваа спомен-соба покажуваме гордост, достоинственост и зрелост со тоа што му оддаваме признание на нашиот виден и истакнат сограѓанин.
Ние, штипјани, ги цениме вистинските вредности и ги почитуваме вистинските македонски херои и патриоти. Затоа минатата година постхумно му го доделивме одличјето Орден Свети Никола на претседателот Глигоров. Со достојна почит и пиетет продолжуваме да се сеќаваме на него и на неговата суштински значајна улога во осамостојувањето на нашата земја и влогот со кој нѐ задолжи.

Претседателот Глигоров беше демократ којшто во својата долга и плодна политичка кариера секогаш се залагал за толеранција и искористување на придобивките на здрав политички дијалог. Не само што ја означи сувереноста и самостојноста на Македонија, туку и искрено и напорно работеше нашата земја да биде интегрирана во сите релевантни меѓународни организации. Неговите бројни походи по македонски успеси во светот беа ослободени од национализам, а посветени на мирот и пријателството, сѐ со цел за меѓународно етаблирање на македонската држава.

За неговата посветеност и желба да се исправи Македонија на нозе, говори и фактот што на претседателска функција стапува на негови 73 години, после долга, плодна и полувековна политичка кариера во Белград. Претседателот Глигоров одлучил да ја жртвува спокојноста што би му ја донеле неговите пензионерски денови, за да ги постави институционалните темели на самостојната македонска држава и да ја исправи нашата држава на прав пат. Од тешкиот процес на разидување на републиките на СФРЈ, Македонија е единствена земја што излезе без ниту еден испукан куршум, а заслугите за таа среќна околност се во целост негови.

И нема поголем доказ за патриотизам од тоа да се жртвуваш за да спречиш изолирање на државата и истовремено да обезбедиш мир за своите сограѓани. Кога од оваа временска дистанца ја оценуваме и вреднуваме работата на претседателот Глигоров, можеме без сомнеж и колебање да кажеме дека секогаш постапувал мудро, рационално и добро обмислено, како вистински државник. Заради неговата дипломатска, политичка и државничка умешност, Македонија не е недефинирана територија, туку членка на ООН и на бројни други важни меѓународни организации, а со реални можности за што поскоро интегрирање и во НАТО и ЕУ. Времето покажа дека за овие негови заложби, претседателот Глигоров бил целосно во право.

Претседателот Киро Глигоров е историска фигура со огромни заслуги, за коишто, што и да направиме, ќе биде малку за да му се оддолжиме и заблагодариме. Но, мораме активно да работиме на одржување на споменот на патриотизмот, храброста, мудроста и решителноста на човекот со највпечатливата биографија во современата македонска историја. Таа должност ја имаат сите граѓани на Република Македонија, но особено ние, штипјани.

Дипломати и политичари од други земји сѐ уште прикажуваат за позитивните ефекти од работата на архитектот на самостојна Република Македонија. Со тоа треба да се гордееме, но и со сопствен пример да покажеме дека ние најмногу го цениме, затоа што така е редот, така доликува.

„Македонија е сѐ што имаме,“ велеше претседателот Глигоров. А, за да го зачуваме тоа што го имаме, ние мораме да се однесуваме со достојна почит кон личноста којашто го одбележа најзначајниот период на современата историја на нашата земја. Ако држиме до себе, тогаш не смееме да ја натпишуваме историјата, ниту пак да се однесуваме како таа да почнува од нас. Претседателот Глигоров заслужува многу повеќе од пригодно сеќавање на значајните датуми. Како негови сограѓани, имаме должност да ги зачуваме од заборав неговите големи достигнувања, да покажеме доблест и капацитет да му го обезбедиме вистинското место во историјата на нашата земја.



Слични Објави