| |

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО МИНИСТЕРКАТА МИЛА ЦАРОВСКА

Почитувана Министерке г-ѓа Мила Царовска,

Ова писмо го испраќам пред се како дете на самохрана мајка, која како и секоја друга мајка, во текот на својот живот се трудела да му го овозможи на своето чедо најдоброто. Тоа е онаа личност која би го жртвувала сопствениот живот за да го спаси оној на детето доколку има потреба.

Меѓутоа, ова писмо го испраќам и во името на сите оние обесправени во државата кои имаат надеж дека оваа држава може и треба да биде мајка, а не маќеа на своите државјани. Ова писмо е пријателско и најдобронамерно, со цел преку еден млад медиум овој ГЛАС за подобро УТРЕ на овие, меѓутоа и на многу други луѓе со вакви проблеми, да допре до Вас, до институциите кои мораат да бидат во служба на своите граѓани.

Во текот на вчерашниот ден порталот „Поглед.мк“ стапи во контакт со мајката на Ристе и Влатко, двајцата браќа од Велес кои поради нивната дијагноза – церебрална попреченост 25 години беа врзани за кревет. Како што раскажуваше мајката Лиле во сторијата објавена во месец август од минатата година, дури бил жив нејзиниот сопруг, таткото на браќата, тие не барале помош од никого, но за жал по долгогодишна мака тој починал од тага, а последните неколку месеци од својот живот заминувал во планина да се извика, да му помине болката. Поради таквиот трагичен настан, мајката останала сама да се справува со судбината, а повеќе од пет години нејзините синови не виделе светлина само поради тоа што таа нема сила сама да ги изнесе надвор. Во текот на телефонскиот разговор со г-ѓа Лила, мајката на децата забележавме дека и покрај тоа што им била понудена голема помош од страна на граѓаните, организациите, бизнисмените и институциите, сепак таа не е доволна за да се реши еден ваков горлив проблем.

– Многу ми е тешко. Во тешка состојба сме уште. По објавената сторија на телевизијата ни помогнаа многу луѓе и јас сум благодарна на тоа. Институциите ни овозможија да отидеме во одмаралиштето во Струга, за да одмориме и тие конечно да го видат светот, но тоа не е долгорочно решение за овој проблем, со кој буквално се справуваме сами, рече мајката на браќата во телефонскиот разговор.

За да не остане незабележано, мајката јасно искажува задоволство што државата овозможила барем 10 – 15 дена заминување во рекреативниот центар за деца и младинци во Струга – Мајски Цвет, за физикалната терапија за Ристе и Влатко овозможена од велешката болница, како и рехабилитацијата во Охрид, но и благодарност до сите оние кои можеле да им помогнат за и тие да видат што е живот, да дишаат чист воздух, да го видат и почувствуваат сонцето, да го видат езерото, да можат барем за момент да се насмевнат. Но, за жал оваа помош од страна на сите добронамерни и хумани граѓани не е доволна за животот на овие луѓе, барем малку од малку да биде подобрен. Според она што го знаеме, лек за церебрална парализа не постои, но факт е дека физиотерапија и други терапии можат да им помогнат на луѓето со церебрална парализа. Многу е тешко да се биде самохрана мајка, а тоа го знам бидејќи јас лично сум дете на таков родител, а не можам да знам, но можам да претпоставам колку е тешко да се биде самохрана мајка на две деца со церебрална попреченост во оваа држава. Знаете ли дека овие деца мораат да вежбаат за да научат да одат, да зборуваат, да јадат, да играат и се она што на другите деца им доаѓа нормално со самиот развој? Како самохрана мајка, како г-ѓа Лиле која сама ги чува Ристе и Влатко може да опстане односно да им овозможи било каков напредок на своите чеда за својот хендикеп, кога самата таа не може да ги изнесе на светлина, самата таа не може да работи со нив (бидејќи за тоа е потребно стручно лице и институција) ?

За тоа колку државата им излегува во пресрет на овие лица, на семејствата кои имаат дечиња со церебрална парализа јас лично не знам, но по разговорот со мајката на децата можевме да разбереме само една работа – НЕ ДОВОЛНО!

Затоа, апелираме што побргу, што подобро решение да се изнајде од страна на  Владата, од страна на институциите, за ваквите горливи и тешки проблеми со кои се соочуваат не само семејството Димитријовски, но и многу други семејства во Република Македонија. И тие се луѓе како сите нас, и тие имаат права, тие треба да имаат заштита од државата, оваа држава мора да биде во служба на овие лица! Кој е начинот за да се реши ова јас не знам, но знам дека Вие како институција можете да им излезете во пресрет и барем малку да им ја ублажите болката и тагата поради нивната животна судбина.

ЗА КРАЈ АПЕЛОТ НА МАЈКАТА НА РИСТЕ И ВЛАТКО, Г-ЃА ЛИЛЕ ОД МЕСЕЦ АВГУСТ 2017 ГОДИНА:

„И праќам апел на владата, да има во секоја општина установа, да ги земат барем четири часа, да се ослободам малку, не можам сама. На многу мајки им треба тоа“

Со почит,

Марио Милчевски

Извор: Поглед



Слични Објави