| |

Ovdje Vašington, Glas Amerike, govori Grga Zlatoper…

Пишува: Владимир Перев

1.
Не беше секогаш вака во Македонија/СФРЈугославија за време на Великденските празници. Ја немаше таа медиска отвореност кон религијата, црквата и верувањата. Младите одеа на познатите “бденија“ во предвеликденските денови, но тоа беше повеќе импулс за нови познанства или прераснување на познанаствата со девојчината во нешто повисоко и поквалитетно, сето тоа под заштита на темнините на априлските квечерини или слабо осветлените цркви. Тогаш љубовта беше универзална и помешана на најприроден начин-средба на љубовта кон Бога со лесните еротски чувства на младите меѓу себе си. Вистинска средба со Богочовекот во сите нас.

СФРЈугославија беше богата со медии; богата со весници и списанија, богата со републички и локални радиостаници, за подоцна да стане богата и со телевизии. Но за Велигден, како и за Божик, никаде немаше глас за верата, за состраданијата Исусови, за љубовта човекова…тоа сето како да не постоеше. Беше слично, барем низ медиумите, како и во сите земји од Источниот блок, само што овде ситуацијата беше прилично подемократска и потолерантна.

2.
Но, имаше едно радио, тоа беше радиото „Глас на Америка“, со програма предавана на повеќе јазици и на повеќе таласни должини, како на средни, така и на кратки таласи. Со предавателот сместен во Солун, тоа радио секоја вечер, точно во 20 часот грмеше од сите домови во Македонија и во многу од Југославија. За големите верски празници, како за Коледе, така и за Велигден, од тоа радио се слушаше гласот на верниците во Америка, меѓу кои имаше и многу југословени-срби, хрвати, македонци и ред други. Тоа не беше радио на некаква ослободена религија, напротив, тоа радио го претставуваше Слободниот свет, ја претставуваше Америка и ни ја доловуваше визијата за слободен живот, каков што овде немавме. Во секојдневаната програма од половина час, Глас на Америка даваше збиени, јасни и конкретни вести за политичката ситуација во светот, за состојбите и позициите на Америка кон светот и ја даваше надежта дека ние, во не-слободниот комунистички свет, нема да бидеме заборавени и изоставени. Во втората половина од триесете минути, слушавме вести за филмската индустрија и најочекуваните минути-за американскиот џез, твист или рокенрол. Џезот беше она со што се сретнав во мојот Прилеп во шеесетите години од минатиот век, таму, на Глас на Америка за прв пат ги слушнав, Махалија Џексон, Били Холидеј, Луис Армстрог, оркетарот на Перси Фејт, музиката од култниот “Бал на вода“ и ред други нумери на тогавашното актуелно време. Сето тоа го немаше на нашите радиопрограми…почнаа нешто подоцна, поучени од силата на пропагандата низ музиката.

3.
Имаше една питорескна личност на програмите на Глас на Америка. Тоа беше новинарот-коментатор Грга Златопер. Југословенски политемигрант со хрватско потекло, сестрано образован, познат фудбалер од времето пред војната. Се одликуваше со богат и колоритен хрватски јазик разбирлив за нас, како и со острина на мислата и говорот, дотогаш непознати во Југославија. Неговото вообичаено “Овдје Вашингто, Глас Америке, говори Грга Златопер“, беше очекувано во тишина во сите домови од ФНРЈ/СФРЈ. Нетрпелив кон било каков комунизам, па макар бил и “мекиот“ југословенски, Грга Златопер не пропушташе прилика во своите анализи директно да го нападне претседателот Тито, нарекувајќи го “Тито бандито“, на општојугословенско задоволство на четничките, усташките и вмровските елементи (од старото, ванчомихајловистичко ВМРО), сплотени во омразата кон комунизмот и југословенското раководство во тоа време. И така тоа си траеше…потоа, времето се промени!

Грга Златопер (1910-1976)

4.
Падна Берлинскиот ѕид, падна комунизмот, дојде “крајот на историјата“, но останаа старите зацементирани претстави за слободата на медиумите, слободата на говорот и мислата. Во името на единството на идеите, Радио Глас на Америка, помина во рацете на “наши“ новинари и уредници, па наместо овде да дојдат идеите за медиумски слободи, на американците им испративме “балкански принципи“ за раководење и медиско изјаснување. Наместо за американските и западните вредности, Радиото почна да говори за балканските обичаи и задолженија. Настана неочекувана дихотомија: новинари со плати во Америка, живееја со лични, семејни, па ако сакате и политички обврски кон Македонија, веројатно и кон другите југословенски републики.

5.
Конечно, Трамп го разреши проблемот на неединството на идеи и обврски. Ги намали субсидиите за Радио Глас на Америка и со тоа стави крај на нејасната позиција на американците како финансиери и нас како слушатели. После сите негови беневолентности и замаглувања на ситуацијата во која не постави (а и сам себе си) ова беше единственото разбирливо решение. Порано ние ја разбиравме Америка, сега Америка нѐ разбра нас!

Грга Златопер одамна не е меѓу нас. остана само споменот на неговиот глас, гласот на Верата и Слободата!

Слични Објави