| |

П. БОГОЕВСКИ ИЗРАЗИ СОЧУВСТВО И ПОБАРА ПРАВДА И ОДГОВОРНОСТ ЗА УБИЈЦИТЕ НА НИКОЛА САЗДОВСКИ

„Сочуство до семејството и пријателите на убиениот Никола Саздовски и повик за правда и одговорност за убијците.

Говорот и насилството од омраза се ракот на нашето општество. Некако низ годините, остана прифатливо сограѓаните кои се поинакви едни од други, да се мразат врз било која основа. Остана прифатливо ваквите тепачки да бидат запишани во графата „детски тепачки“ или „навивачки судири“. Но, тие се многу повеќе од тоа.

Потценувањето и неказнувањето на говорот и делата од омраза, создаваат и атмосфера каде ваквото однесување е општествено прифатливо, дури и охрабрувано. Oрганите на прогонот не се во тек со реалните проблеми и конфликти кои тлеат во различните општествени групи.

Од друга страна, овие дела се посебно опасни токму поради нивниот ефект врз општеството. Насилството врз еден е насилство врз целата група, што е насилство во с’ржта на самото општество.

Во овој случај, МВР ја заврши својата работа. Нападот се случил на 29-ти јуни. Во рок од 24 часа сторителите беа идентификувани, двајца од нив и притворени. Делото – класифицирано како „Насилство“. Додека МВР постапувало по случајот, Саздовски бил сѐ уште жив.

Постапувањето на МВР, врз основа на закон, е тајно. Затоа, не ни треба да ги очекуваме деталите од случајот, како што се мотивот, идентитетите на напаѓачите и сл. Но, сега постапката е во рацете на Јавниот обвинител. Тој може да го преквалификува делото како резултат на новонастанатите околности, односно трагичната смрт на Никола.

За разлика од МВР, резултатот од работата на ОЈО (ќе) е јавен и би требало да биде наведен и мотивот на убијците. ОЈО и Судовите се многу понапред од МВР во третирањето на криминалот од омраза.

Причината за ова не е политичка, туку фактичка – веќе неколку години, ОБСЕ и Хелсиншкиот комитет за човекови права работат на проблематиката со делата од омраза. Како најголема и најинертна институција, на МВР ќе му биде потребно најдолго време да ги имплементира промените во своето работење.

Ние треба да погледнеме длабоко во себе и да ги побараме вистинските причини за тоа како општествово ни отиде толку далеку. Како омразата, толку долго беше единствениот начин за справување со неистомислениците. Јасно и гласно да си кажеме дека за ова, нема место во нашата држава.

Не повеќе. Никогаш повеќе“- напиша на својот facebook профил, сегашниот пратеник, а поранешен шарен револуционер Павле Богоевски.



Слични Објави