| | | |

Пасошки неволји за чесни и нечесни Бугари

Пишува: Атанас Величков

Веста дека Бугарија ќе ги објави носителите на бугарски државјанства, објавена од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, на неговиот facebook профил, логично го предизвика вниманието на речиси сите македонски медиуми, но бурата предстои. Таа ќе биде предизвикана не од фактот, што некои обични граѓани на РСМ, отишле во Софија со документи од своите предци и излажале дека се Бугари, туку од реалноста дека во земјата солиден број лица на одговорни позиции имаат бугарски пасоши, но се дел од машината за оцрнување на сѐ што е бугарско. Тука станува збор не само за политичари, туку и за самопрогласени експерти по бугарската тема, сопственици на медиуми, главни уредници, новинари… Списокот е долг. Како што пишува Ковачев, станува збор за 120 илјади македонски Бугари, чии имиња ќе бидат објавени „за да бидат заштитени од репресии“.

Промените во Законот за бугарско државјанство се од огромно значење и за РС Македонија, ќе донесат бенефити за едни и многу стрес за други. Прво, веќе барателите, нема да можат да сметаат на анонимноста. Таа може би, некогаш била гарантирана од членовите на т.нар. „пасошка мафија“, но таа гаранција веќе оди во неповрат, местото, каде што заминаа и печатите со кои се „потврдуваше“ бугарски „произход“ и чувства, на голем број ситни души, чија цел била, да работат во Западна Европа и од таму на раат во слободно време да ја навредуваат Бугарија. Бугарското државјанство, според предвидените измени, кои го поминаа со мнозинство првото читање во бугарскиот парламент, ќе се доделува на јавна свечена церемонија, како што доликува за еден таков документ. Тоа автоматски значи, дека новите бугарски државјани ќе добијат и фотографии, најверојатно до бугарските грб и знаме држејќи го во раце сонуваниот документ. Тие што ја познаваат атмоферата во РСМ и какви се реакциите, кога станува збор за едно такво „злодело“, како поседувањето бугарски пасош, знаат дека оваа измена, ќе предизвика сериозен пад во барањата за овој документ.

Оние, што сакаат да ги „прелажат“ Бугарите и Македонците и да продолжат да се претставуваат во јавноста, како големи македонски патриоти, едноставно ќе ги снема. Бидејќи според општоприфатените норми и вредности во РСМ, не можеш во исто време да бидеш и бугарски државјанин и да си голем македонски патриот. Како втор и најголем бенефит, можеме да го напоменеме тоа, дека луѓето, кои немаат проблем, со бугарското чувство на своите предци и со тоа што треба да се сликаат пред бугарските симболи, нема да чекаат со години, за да го добијат и официјално статусот на бугарски државјани. Чисто физички нивните предмети ќе се движат многу побрзо низ административните „станици“ на бугарската бирократска машина, бидејќи ќе ги нема предметите на веќе спомнатите „ситни души“, кои не сакаат никој друг освен нив да знае, дека тие лично ја „изиграле“ Бугарија.

Би било интересно да се види дали меѓу пратениците од ДПМНЕ, кои потпишаа заверени пред нотар изјави дека нема да гласаат за уставни измени, ќе се појават јунаци, кои ќе ја тужат Бугарија, затоа што јавно ги објавила нивните имиња, како горди државјани на таа земја. Ќе се пофалат ли со тужбите на социјалните мрежи, како што се пофалија со изјавите од средината на минатата година? Овде, е време и место да го споменеме пратеникот од редовите на СДСМ Мартин Костовски, кој како коментар на веста за објавувањето на бугарските државјани од РС Македонија, во типичен титовистички стил, понесен од емоции, преку статус во социјалната мрежа Facebook вели: „Давам јавно предлог СЕКОЈ МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧАР КОЈ ИМА БУГАРСКО ДРЖАВЈАНСТВО, во иднина да не се занимава со политика, еве мислам дека е доволно фер“.

Овде, од авион се гледа, како еден пратеник од „пријателскиот“ кон Бугарија СДСМ, јавно предлага дискриминација врз основ на државјанство, но тоа, можеме да го оправдаме со незаборавени навики од минатото на македонските „социјалдемократи“ или пак со одбивноста што ја имаат некои од нив, кон сѐ што е бугарско, како кон нешто што е под нивното ниво на горди следбеници на титовизмот и турли тавата наречена југословенски напреден социјализам со капиталистички елементи.

Македонските Бугари, барем оние, кои не скокнаа да ги штитат „божемните пријатели“ на Бугарија од редовите на сегашната власт, се радосни од фактот, што многу маски во овдешната јавност ќе паднат. Многу од нив, дури немаат бугарски пасоши, затоа што немале зачувани документи од нивните предци со бугарски печат на нив. Таа препрека е непремостлива за многу од нив. Тие се Бугари, ја сакаат Бугарија, ја сакаат и Македонија како нивна татковина, но беа „осудени“ да гледаат долги години, како антибугарите од нивниот комшилук земаат бугарски пасоши, затоа што, колку и да звучи иронично, некако успеале да ги зачуваат потребните бугарски документи на своите предци.

Ќе паднат маските на многу дволични луѓе овде, а и ќе се прекине практиката во Бугарија, стара неколку децении и која се изразува во онаа култна изрека „Ако бил добар Србин, ќе биде и добар Бугарин“. Македонските Бугари, оние чистите и нерасипани луѓе, кои се радуваат на книги од Бугарија, фотографии од своите предци во комитски униформи и кои со занес раскажуваат за убавините на Бугарија, одамна заслужиле да ја добијат таа морална сатисфакција. За да не се чувствуваат отфрлени од својата мајка. Бугарија ужасно задоцни со овие промени, но како што се вели подобро подоцна отколку никогаш. Бугарија задоцнето се загрижи и за нивните права овде, но, работите веќе стојат поинаку. Бугарија два пати си одеше и ги оставаше своите чеда во милост и немилост, но сега тие, синовите и внуците на оставените претходно, гледаат со доверба кон Софија, сигурни дека овој пат нема да бидат оставени. Токму тоа, многу ги плаши антибугарите овде, кои се креатори и основен дел од македонскиот политички систем. Колку од нив имаат бугарски пасоши, ќе видиме во иднина, откако нивните имиња ќе се појават во најавениот регистар. За останатите антибугари, кои ќе посакаат да станат бугарски државјани останува опцијата, да се насмеат на камерата, стоејќи простум до бугарските државни симболи.

Штрак со фото-апаратот и нема враќање назад. Прекрасно звучи, нели?!

Слични Објави