„ПАТРИОТСКО-ПРЕДАВНИЧКИ“ СТОКХОЛМСКИ СИНДРОМ

Истакнато Краток спој Позиција

Ако немаш опнато евтино склепана фотка со ѕвездата од Кутлеш на својот facebook профил ти си „предавник“ и по дифолт од тебе се очекува да излезеш на референдумот на 30-ти септември. Ти нема да правиш ајвар, бидејќи Бејли те плаќа и имаш доволно пари за да го купуваш скапиот ајвар што го прават Заеви во нивните фабрички погони. Ти си предавник и твоите деца треба да умрат бидејќи „патриотската“ секта одлучила така…

„Патриотите“ немаат пари за купечки ајвар затоа ќе си го испржат сами. „Патриотот“ е убеден дека и Македонија може сама, заградена од сите страни (освен од север) со гладни волци кои сакаат да ја распарчат. Херојски е да си сам против сите (освен Србија и во последно време Русија). Мангупски е сите белосветски „шапшали“ да коват заговори против твојата земја, а ти за инает да продолжуваш да се влечкаш во калта на сопственото постоење со високо крената рака која покажува среден прст…

„Патриотите“ и „предавниците“ патат од ист синдром. Стокхолмскиот. И едните и другите едвај врзуваат крај со крај, ама упорно навиваат за своите табори, кои се обоени различно, ама калапат пари веома и врло слично. Продолжете вака, а по 1 октомври може и ќе му текне на некој да се направи попис. Чисто онака да се преброите колку сте. Тоа се разбира не е од суштинско значење бидејќи се додека се јадете меѓу себе, змејот со двете глави сина и црвена ќе си биде раат.

Идат избори, бидете послушни и никако не излегувајте од матрицата на „патриоти“ и „предавници“. Ако „вашите“ победат можеби и судбината ќе ви се насмее и ќе добиете „договор за стално“ на „државно“. Тоа е најважно за вас, толку тежите онака разболени и толку ви даваат. И ќе ве молам без секирации, Македонија без разлика дали ќе биде Северна или  Јужна, е јака и нема да се уплаши од вашите претензии за редовни плати за седење мирно. Тоа се разбира ќе биде така додека меурот на вашите патриотско-предавнички илузии не  пукне како гноен чир на газот на вашата тотална незаинтересираност, за иднината на вашата прекрасна земја.

Автор: Батко Тане