„ПАТРИОТСКИОТ“ СПИСОК НА ДПМНЕ
„Лутата патриотка“ професорката Ванковска, освен со цитирањето на поранешниот министер Димитар Димитров, деновиве се изјави и како информатор за наводно обезбеденото 2/3-ско мнозинство за прифаќање на договорот со Грција по консултативниот референдум на 30 септември. Одговорот се разбира не задоцни и 15-мина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ преку социјалните мрежи веќе изјавија дека нема да поддржат уставни измени за промена на уставното име на Република Македонија. Отприлика толкав број пратеници се потребни за „бељата“ да стане реалност. Луѓево си споделија речиси еден ист текст и си ги измија рацете со време. Сега и трета светска војна да почне, тие се чисти, нема да го дадат својот глас за промена на уставното име.
Братот Јохан ја збогати својата објава и со заклетвата на ВМОРО (нормално на македонски, бидејќи ако ја пуштеше во оригинал, античкиве секташи ќе му бараа превод доле во коментарите). Поранешниот спикер Вељановски пак директно си кажа дека ќе бојкотира, а индиректно дека и тој како голем број „патриоти“(што пишуваат на латиница со големи букви) токму на денот на референдумот ќе се погрижи за новите тегли ајвар во својот подрум. Ми мириса дека Трајко пука поени кај „најтврдокорното“ крило на ДПМНЕ. Ништо не се знае, утре може да му се јави апетит за местото на Мицкоски.
Од „патриотскиот“ список што го гледам на мојот монитор најмногу „боде“ очи името на почитуваниот бизнисмен од Струмица, Васил Пишев. Тој одамна е влезен во ЕУ и има солиден бизнис таму. Како еден вистински вмровец голем дел од својот капитал тој го врти во Благоевград, а сите знаеме дека Горна Џумаја одсекогаш била полна со комити. Јас силно се надевам дека повеќе бизнисмени ќе земат пример од него и ќе инвестираат во Пиринско. Па нека имаат и бугарски пасоши, во тоа нема ништо лошо. Камо среќа да има повеќе такви како него. Инаку морам да подвлечам дека е врвна форма на патриотизам да правиш бизнис во ЕУ, а овде да припаѓаш во кампот што е многу поблизо до бладањата на Бачев за Евроазиската унија на Путин, отколку до западниот свет (со сите негови предности и недостатоци).
Силно се надевам дека останатите припадници на „патриотскиот список“ нема да ми се налутат што ете не ги спомнувам, ама повеќето од нив, со исклучок на теренецот Ѓорчев и не се така атрактивни. Можеби ете Зоран Илиоски заслужува еден ред, ама тоа е само поради фактот што беше многу активен во „јадењето вафли“ од собраниската говорница, за „предавничкиот“ договор за добрососедство со истата таа Бугарија во која неговиот колега пратеник Пишев упорно инвестира. Некои „жолти“ портали за Илиоски тврдат дека бил дел од Движење за Југославија, ама јас не верувам, кај се видело вмровец да ја сака Југославија. А Илиоски не да е вмровец, грми од вмровштина.
Што ќе прават останатите пратеници на ДПМНЕ останува да видиме. Може ќе смислат друг текст и ќе почнат „ланчано“ да го споделуваат на facebook. Некои од нив, баш за време на гласањето може да прават ајвар на Халкидики, други да ги точат ножињата за Мицкоски, а трети да му пратат абер на Влахов Мицов во стилот: Сечи ги ноктите, ние идеме кај вас. Ништо не се знае. Како што велеше еден мој поранешен уредник: Никога не се знае, каде, кога и каков пожар ќе избувне.
Автор: Батко Тане